Како што веќе пишувавме минатите денови, Извршниот одбор на Карате федерацијата на РС Македонија на ден 20 јули донесе одлука за стапување на сила на новиот Правилник за избор и работа на селекторите на државна репрезентација на КФРСМ; Правилникот за избор и работа на државните репрезентативни селекции на РС Македонија во карате спортот на КФРСМ и Кодекс – правила на однесување на репрезентативците и официјалните лица на КФРСМ. Ова предизвика многу реакции кај клубовите и тренерите.
До нашата редакција престигнуваат многу реакции од клубовите во нашата земја, притоа прв реагираше поранешниот селектор Сашко Арсовски, кој е тренер на најдобриот македонски каратист Емил Павлов и други освојувачи намедали, а денес ќе објавиме уште една. Реагираше и поранешниот репреземтативец Гоце Петров кој со Иво Цевтковски го предводат КК Автокоманда. Па поранешниот медалист од ЕП и прв човек на КК Скопје, Горан Алексовски – Конти.
„Од името на КК ,Македонка од Штип во овој наврат ќе бидам краток и јасен. Секој правилно уреден акт, правилник, одлука и слично, кој има за цел да ги регулира и унифицира начините на функционирање во рамки на репрезентацијата, ќе наиде на поздравување, но тогаш кога првично ќе се уредат останатите состојби во Федерацијата, кои директно се рефлектираат на она што го нарекувате репрезентативна репутација“, вели тренерот на Македонка Сашко Патраклиев и поранешен репрезентативец и додава:
„Вака, со овие нови акти, само се прави обид да се регулира нешто кое самите клубови го финансираат од своите скромни буџети. Со други зборови, не може да се наметнува обврска од која произлегуваат санкции, ако претходно Федерацијата на репрезентативецот не му овозможи достоинствени услови за достоинствено претставување на државата. Како барате строго утврдени начини на постапување со репрезентативна опрема, кога истата таа опрема паѓа на финансиски товар на репрезентативецот, односно на неговиот матичен клуб? Или уште посрамно, кога Федерацијата бара самиот репрезентативец или клуб да си го финансира РЕПРЕЗЕНТАТИВНИОТ НАСТАП (сместување, пат, котизација, опрема и сл.)?! Реформи се потребни, се согласувам, ама да се почне од суштината, а не од формата.
Вака, само се претура од шупливо во празно, се прави револт и се поткопуваат и тие малку спортски вредности кои во овие тешки времиња успеваме да ги одржиме во живот“!
Се надеваме дека од КФМРС ќе се огласат во врска со новонастанатата ситуација по донесувањето на парвилниците и кодексот.