Промоторот на Усик верува дека Александар би можел да се бори на највисоко ниво уште три години

Непоразените Александар Усик и Тајсон Фјури ќе боксираат на 17 февруари следната година во меч за апсолутниот шампион во тешка категорија.

Украинскиот борец во текот на кариерата во 2018 година ги обедини појасите во полутешка категорија, а сега е многу блиску тоа да го постигне и во кралската дивизија.

Александар Красјук, промоторот на шампионот на ИБФ, ИБО, ВБА и ВБО во тешка категорија, смета дека Усик би можел да се бори на највисоко ниво уште три години.

Во мечот за обединување на појасите, кој ќе се одржи следната година во Саудиска Арабија, Усик ќе се соочи со шампионот на ВБЦ, Тајсон Фјури. Договорот вклучува клаузула за реванш.

Некои боксерски аналитичари сметаат дека 36-годишниот Украинец би можел да се повлече по две борби против Фјури, но Красјук го отфрла таквото сценарио.

„Сега има 36 години и може да боксира на највисоко ниво уште најмалку три години. Единствена грижа се здравствените проблеми. Ако неговото тело е сè уште подготвено за борба, тогаш мислам дека нема да се откаже. Со Александар Усик сум од неговата прва професионална борба во 2013 година и бевме многу блиски во последните десет години. Сè уште е дете во душата и никогаш не размислувал за пензија. Овој чекор е најтежок за секој борец“, рече Александар Красјук и додаде:

„Кога Витали Кличко се повлече од боксот четири години, а потоа се врати и го освои ВБЦ појасот, причината не беа парите, туку тоа што му недостасуваше спортот. Тој е политичар и бизнисмен, има повеќе од 50 години, но се уште тренира. На градоначалникот на Киев секогаш му недостасува бокс. И кога зборувам за тоа, секогаш гледам инспирација во Витали“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО