Промоторот на Усик: Сака да го победи најдобриот Фјури. А тогаш може да има реванш

Мечот за обединување на титулата во тешка категорија меѓу непоразените боксери Тајсон Фјури и Александар Усик треба да се одржи на 17 февруари во Саудиска Арабија.

Нивниот меч првично беше закажан за 23 декември, но тимот на Фјури реши да го одложи датумот поради тешката борба против Френсис Нгану на крајот на октомври.

Во таа борба поранешниот шампион на УФЦ добро го намачи Џипси Кинг, кој на крајот победи со поделена одлука.

Британецот сакаше да добие уште неколку недели за да се подготви, бидејќи му требаше одмор по натпреварот против Нгану.

Промоторот на Усик, Александар Красјук, истакнува дека Александар не го променил размислувањето за Фјури по неговиот неубедлив настап против Нгану.

„Усик и понатаму го мисли истото за Фјури. Тој е разумен и мудар и разбира дека понекогаш имате лош ден како што имаше Тајсон против Френсис. Тоа беше еден од најлошите настапи на Фјури што некогаш сме ги виделе. Секако, тоа не значи дека на 17 февруари повторно ќе видиме така лошо издание на Фјури“, истакна Александар Красјук и додаде:

„За Фјури мечот против Усик ќе биде најтешката борба во кариерата. Знае колку треба да тренира и да се подготви за мечот со поранешниот апсолутен шампион во полутешка категорија. Фјури го потцени Нгану, бидејќи мислеше дека не е боксер, но за Усик сигурно ќе има подобри подготовки. Има разлика во големината, тежината, боксерското искуство и коефициентот на интелигенција, работата со нозете и аматерското искуство. Кога ќе земеме се во предвид, тешко е да се предвиди кој е во предност, а одговорот ќе го добиеме на 17 февруари во Ријад. Усик сака да го победи најдобриот Фјури. И тогаш може да има реванш“.

Тајсон Фјури (34-0-1, 24 КО) во овој меч влегува како шампион на ВБЦ, додека Александар Усик (21-0, 14 КО) е сопственик на појасите на ИБФ, ВБА и ВБО.

Борбата која ќе се одржи во Ријад на 17 февруари ќе го даде апсолутниот шампион во тешка категорија по повеќе од дваесет години.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО