Претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, и го честиташе пласманот на ЕП на фудбалската репрезентација.

Претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, и го честиташе пласманот на Европското првенство на фудбалската репрезентација.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме обраќањето на Трпаноски.

„Почитуван претседател на Фудбалската федерација на Македонија, господин Муамед Сејдини, дозволете ми од мое лично име, и од името на Џудо федерацијата на Македонија да Ви го честитам пласманот на Европското првенство кој е несомнено најголемиот успех на македонскиот фудбал и еден од најголемите успеси на македонскиот спорт воопшто. Во овие тешки времиња во кои глобалната пандемија го зема својот данок во здравството, економијата, спортот и општественото живеење, овој успех е духовната храна која што ни беше потребна на сите за да продолжиме да веруваме дека само истрајноста, напорната работа, квалитетот и единството може да ни помогнат во остварувањето на нашите цели. Исто така, дозволете ми да упатам и честитки до Горан Пандев, нашиот македонски фудбалски бог кој покажа дека годините во спортот се само обична бројка кога желбата и љубовта кон националната селекција и својата држава се немерливи. Честитки и за сите фудбалери кои беа дел од синоќашниот триумф, но и до оние кои го носеа дресот со националниот грб во годините наназад придонесувајќи во градењето на овој успех кој со златни букви ќе биде испишан во аналите на македонскиот спорт. Се разбира, честитки и за селекторот Игор Ангеловски и целиот стручен штаб кои покажаа дека и овде, во Македонија имаме мајстори на тренерскиот занает кои со ништо не заостануваат зад своите современици од развиените земји. Овој успех несомнено е огромен поттик и мотивација и за останатите спортисти и федерации да продолжат напорно да работат и веруваат дека само со правилниот пристап, посветеност и заедништво може да се остварат успеси кои ќе ја радуваат македонската нација и ќе ја афирмираат државата пред светот на најдобар можен начин. На крајот, дозволете ми уште еднаш да Ви се заблагодарам за огромната радост која и ја донесовте на целата Македонија и посакуваме ова да биде само почеток на еден континуитет на редовни настапи на завршните турнири од големите репрезентативни натпреварувања“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО