Тајсон Фјури е повисок и ќе биде потежок во мечот против Александар Усик кога ќе се соочат еден со друг за апсолутна титула во тешка категорија на 17 февруари.
Многу боксерски експерти и аналитичари сметаат дека шампионот на ВБЦ поради физичките предиспозиции има предност пред Украинецот, кој по обединувањето на титулите во полутешка категорија е на прагот да го стори тоа и во кралската дивизија.
Поранешниот американски боксер и поранешен шампион во полусредна категорија Серхио Морa истакнува дека Фјури е преголем за Усик.
„Тајсон Фјури е фаворит. Нема потреба да се враќаат на нивните последни натпревари, ништо не може да се заклучи од тие пресметки. Но разликата во големината е очигледна и таа е преголема“, рече Серхио Морa и продолжи:
„Ако Фјури само би застанал таму и би бил како мета, тогаш би му дал предност на Усик. Мислам дека тој е брилијантен боксер. Но, Тајсон Фјури има неверојатна контрола на горниот дел од телото, одлични финти, одлично движење и го разбива противникот. Тој е добар во клинчот и знае како да се повлече кога ќе стане премногу тесно. Тој е голем и одличен боксер. Големината е важна и колку и да сте добри, ако вашиот противник е поголем од вас, дефинитивно ќе ве совлада“.
Латин Снејк вели дека бил повеќе импресиониран од победите на Фјури во тешка категорија отколку од Усик.
„Усик ги победи Дубоа и Џошуа, кои претходно ги загубија натпреварите. А Фјури има огромна самодоверба, толку пати падна во рингот, но секој пат стануваше. Тоа покажува колку е храбар, смел, силен. Докажа дека може да прими удар од еден од најголемите удирачи во историјата, Дионтеј Вајлдер, а потоа повторно да стане, да возврати и да победи“, истакна Серхио Мора и даде своја прогноза:
„Усик не е ни блиску до големината на Вајлдер, а не е ни толку силен. Тој е сосема поинаков борец. Мислам дека тоа ќе биде битка на стилови каде Фјури одлично се прилагодува. Фјури е лукав борец, може добро да напаѓа и да се брани. Не му е проблем да го зачини мечот, а може и да го скрши противникот. Со Фјури видовме се, додека Усик не е вистинска напаѓачка машина во тешка категорија. Усик секогаш боксира внимателно“.