По успехот во Солун таеквондистите на прием во АСМ

spaseski-taekvondo

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска се сретна со претставници на таеквондо репрезентацијата на Македонија, која на неодамна завршениот Г-1 турнир во Солун освои еден сребрен и три бронзени медали, што е еден најголемите успеси на натпреварувачи од македонски клубови во овој олимписки спорт.

Да потсетиме дека најдобар резултат оствари Иван Крстевски, кој во јуниорска конкуренција (-59 кг)  освои сребрен медал, а Филип Додевски, Ана Марија Георгиевска и Мери Ацевска бронзени медали.

Директорот Спасески изјави дека резултатите на нашите натпреварувачи покажуваат и докажуваат дека таеквондото во нашата земја е во голем подем и допрва ќе очекуваме уште поголеми резултати на меѓународната спортска сцена од нашите репрезентативци.

„Се надевам дека ваквите резултати ќе се пресликаат и на националниот тим и дека овој турнир ќе биде одлична подготовка за Европското кадетско првенство, кое ќе се одржи во Романија и за Светското јуниорско првенство, чиј домаќин ќе биде Канада“, рече Спасески.

Потенцираше дека Агенцијата за млади и спорт во континуитет дава поддршка на Таеквондо федерацијата на Македонија, а годинава за меѓународната програма и за стручната работа на тренерите се доделени вкупно 750.000 денари. Дополнително, за реализација на проектот „Таеквондо за секого“ и годинава обезбедивме 40.000 денари.

Според Дарко Костовски, еден од тренерите на репрезентацијата и тренер на таеквондо клубот Бутел, Г-1 турнир е натпреварување од највисок ранг во таеквондо и носи бодови за олимпијада.

„Има десетина Г-1 турнири во Европа, еден од тие е турнирот во Солун, каде што настапија десет репрезентативци од Македонија, во категорија на јуниори, кадети и сениори. Ова практично беше тест за Европското првенство во септември во Романија“, рече Костовски.

На средбата беше разговарано и за тоа како да се даде поддршка на таеквондото и за негова поголема промоција меѓу младите во училиштата, како полесно да се оствари олимписка норма, за  стипендии и поддршка на потенцијални репрезентативци, како и за потребата од национална стратегија за таеквондо.

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО