По успехот на светската Младинска карате лига во Пореч каратистите на Штип имаа прием кај градоначалникот Јорданов

Најдобрите млади каратисти на КК Штип кои освоија бронзени медали на Карате 1 Младинската лига во Пореч, Хрватска, денес имаа прием кај штипскиот градоначалник Иван Јорданов.
Градоначалникот Иван Јорданов денес приреди прием за каратистите Љупче Михајлов и Марко Џорлев, како и за Драгана Ефтимовска, која го освои високото петто место на престижната светска Младинска карате лига.
Младите спортисти го споделија своето искуство од турнирот, говорејќи за патот до успехот, предизвиците, како и посветеноста и трудот кои ги вложиле за ова силно натпреварување.
Градоначалникот Јорданов упати искрени честитки и изрази голема благодарност од името на сите граѓани на Штип за овој извонреден резултат, потенцирајќи дека вакви успеси се од особено значење за промоцијата на Штип и Македонија на меѓународната сцена.

„Овој успех е потврда дека Штип и понатаму останува расадник на спортски таленти. Вие сте гордост за градот и пример за младите генерации“, истакна Јорданов. Тој упати посебна благодарност и до тренерите Сашко и Жарко Арсовски за нивниот долгогодишен придонес, професионализам и несебична поддршка кон развојот на младите каратисти.
Градоначалникот додаде дека Општина Штип ќе продолжи со поддршка на спортот, бидејќи ваквите успеси се мотив повеќе за зајакнување на инвестициите во спортската инфраструктура и младинските програми.
„Спортската среќа е важен елемент, но токму упорноста, дисциплината и континуираниот труд се тие што носат долгорочни резултати. Со заеднички напори, во периодот што следува силно верувам дека ќе можеме да постигнеме уште поголеми успеси“, порача Јорданов.
.



