Павлов вечер го носи знамето- утре прв настапува!

Emil i Martin so znameto

Емил Павлов (карате) има големата чест, денес, со почеток во 18:00 часот по македонско време, на церемонијата на отварање на првите Европски игри да го носи македонското знаме. 
Тој утре настапува прв од нашите спортисти на ЕИ во Баку 2015 во категоријата до 60 килограми. Во првата борба ќе се сретне со Русинот Евгениј Плахутин (Русија), а во втората со Агуџил Софијан (Франција) и во третата ќе се бори против Марко Антиќ (Србија).

„Прво се среќавам со претставник на Русија, потоа со Франција и Србија. Ако сакам голем резултат, морам да ги победам сите и да се пласирам во финалето, за да се сретнам со победникот од другата група. Ги анализирав моите противници. Сакам во најдобро светло да ја претставам Македонија“, – вели македонскиот знаменосец, Емил Павлов. Да потсетиме, лани во Финска, на ЕП, Емил Павлов го освои златниот медал.

Мартин Несторовски (над 85) во недела се среќава со Спиридон Маргаритопулос (Грција), потоа со домашниот натпреварувач Шахин Адамов (Азербејџан) и во третата се бори против Енес Еркан (Турција).
„Жребот е солиден. Ја се надевав на сличен ваков жреб. Меѓутоа, и вака е супер. Останува да го дадам максимумот и се надевам дека ќе влезам во полуфиналето, однонсо во борбата за медал“, истакнува Несторовски, кој е носител на бронзениот медал од ЕП во Турција оваа година.

Македонската спортска експедиција брои околу 70 спортисти, тренери и спортски работници кои ќе бидат македонските амбасадори на овој самит на олимпизмот што ќе трае до 28 јуни.

boban danov so fakelot

Најдобрите македонски борачи Дејан Митров, Јасин Реџелари, Тимур Хамикоев, Халил Зубаиров и Бобан Данов, заедно со каратистите, ги одржаа првите тренинзи во Баку, а на првата група спортисти што пристигнаа во Азербејџан, нешто подоцна им се приклучија и Нина Балабан (стрелаштво) и Иван Крстевски (гимнастика).

 Од каратистите и од борачите Македонскиот олимписки комитет очекува медал, со оглед на фактот дека во другите седум спорта, во кои Македонија ќе има претставници, учествуваат главно помлади спортисти.
МОК за стимулација на нашите спортисти вети премии, и тоа за златен медал – 4.000 евра, за сребро – 2.500 евра, за бронза – 1.500, за четврто место – 1.000, а ќе има награди.
Режисерот Димитрис Папајоану подготви претстава за свеченото отворање, во која ќе учествуваат околу 2.000 актери, кои треба да ја пренесат културната приказна на домаќинот и на градот, што ќе нагости 6.000 спортисти во 20 спорта, од кои 16 се олимписки.

 ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО