Паркер го одбил мечот со Хрговиќ поради парите

Квалификацискиот меч за прв предизвикувачот на ИБФ против Филип Хрговиќ прво го одби Кубанецот Луис Ортиз, а потоа истото го стори и Новозеланѓанецот Џозеф Паркер.

Менаџерот на боксерот од Нов Зеланд, Дејвид Хигинс, објасни дека Џозеф мора да бара борби во Америка, каде што може да напредува во кариерата.

„Доколку не успее во тоа, ќе заврши како Ентони Џошуа, кој го почитуваат само во некои делови на Лондон“, изјави Дејвид Хигинс.

Како можни потенцијални ривали на Паркер ги спомна Енди Руиз Јуниор и Дилиен Вајт. Менаџерот се обиде да објасни зошто ја одбиле понудата за мечот против Филип Хрговиќ.

„Проблемот со Хрговиќ се парите. Кога Паркер почна да ја гради кариерата создадовме база на фанови во Нов Зеланд. Вложивме многу пари и плативме голема сума за да организираме борба против Енди Руиз на домашен терен. Дали Хрговиќ воопшто има фанови? Тој е високо на топ листите, но нема фанови. Меч против него не би ни донел соодветна заработка“, изјави Дејвид Хигинс и додаде:

„Квалификациската борба за предизвикувачот на ИБФ е организирана со цел да се средат некои работи околу другите појаси. Паркер би се борел со Хрговиќ за пари кои едвај ќе ги покријат трошоците за неговиот тренинг и подготовка. Тогаш би победил и би чекал барем една година борба во која би можел да го нападне шампионскиот појас“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON