Непоразениот американски шампион во тешка категорија и освојувач на сребрен олимписки медал го прозва Мозес Итаума: Верувам во себе, ја сакам таа борба

Мозес Итаума, моментално најбараното име на светската тешкашна сцена, доби уште еден предизвикувач. Откако сензационално го нокаутира Дилиен Вајт во првата рунда во август, постигнувајќи ја најголемата победа во својата кариера досега, 20-годишниот Британец (13-0) стана магнет за предизвици од колегите од дивизијата. Сега ракавица му фрли и непоразениот американски талент Ричард Торез Јуниор.
Итаума се искачи на врвот на ранг-листата на ВБО и нА ВБА за само две години од професионалната кариера, а планира да се врати на рингот на 13 декември. Филип Хрговиќ не се согласи на оскуден хонорар, што отвори пат за други да се вклучат. Најнов меѓу нив е Торез Јуниор (13-0, 11 нокаути), освојувачот на сребрен олимписки медал од Токио, кој отворено им рече на американските медиуми:
„Мозес е неверојатен борец и го покажа максимумот против Вајт. Тоа беше импресивен настап и среќен сум за него. Но, исто така сум 100% уверен во моите способности. Би сакал да влеземе заедно во рингот, мислам дека би можеле да дадеме фантастична борба, без разлика дали јас ќе одам преку Атлантикот или тој ќе дојде тука“, рече Торез.
Американецот сè повеќе се појавува како наследник на Дионтеј Вајлдер и нов адут на Топ ранг во обид да го оживее гламурот на американската тешка категорија. По серија брзи нокаути, тој неодамна за прв пат ги помина сите десет рунди и самоуверено го надмина Гвидо Вијанело, почитуван италијански тешкаш, потврдувајќи дека може да издржи посериозни тестови.
Од друга страна, Итаума сè уште не е сериозно тестиран или турнат до своите граници. Неговата ѕвезда расте со метеорска брзина, а се повеќе се шпекулира дека би можел уште следната година да биде на работ на меч за титулата против Александар Усик. Украинецот моментално е надвор од игра поради повреда и е фокусиран на задолжителна одбрана против Џозеф Паркер.
И покрај ова, многумина предупредуваат дека развојот на Итаума не треба да се брза. Меѓу нив е и легендарниот Ленокс Луис, кој верува дека младиот Британец сè уште треба да созрее пред да се соочи со боксери како Усик.



