Неџат Мемети-боксерот кој не знаеше за пораз по 38 години се врати во Скопје!

Nedzat Mmeti portret

Боксерот кој речиси и не знаел што е пораз по 38 години се врати во Македонија за да присуствува на 45-тото издание на Меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“.

Zivko i Memeti sedat

„Доаѓај, ме правеа операција, можеби ова ќе ми биде последниот „Златен гонг“, ми рече мојот тренер и втор татко, Живко Дуковски. Не можев да ја одбијам поканата. Тој ме научи на се во боксот“, ја кажува најголемата причина поради која се враќа во Македонија 58 годишниот Неџат Мемети, некогашен боксер на БК Скопје, кој работи и живее во Белгија и каде што имал успешна професионална кариера.

Неџат Мемети првите чекори на рингот ги прави на десетгодишна возраст во 1968 година во БК МИК од Скопје во Партизан кај стариот железнички мост. Но, пред да почне да вежба бокс, тој прво оди на борење, каде што почнуваат тренираат со Шабан Сејдиу кај Ментас Алајбегу. Како што вели тој, тогаш бил подобар од славниот Сејдиу, но бидејќи повеќе сакал да се тепа отишол да тренира бокс во БК МИК, во салата на ученичкиот дом Сениќ. Потоа поминува во БК Скопје и кај тренерот Живко Дуковски, каде што останува до 1977 година, кога заминува за Белгија. Истата година преминува во БК Куманово со дозвола на тренерот Дуковски, за да му помогне на кумановскиот клуб, кој во тоа време настапуваше во Првата југословенска лига, а во своите редови ги имаше Русевски, Јакупи, Цвтековски и други.

Memeti tekst 2

Со 15 години станува јуниорски шампион на Југославија во 1973 и во 1974 година, а за БК Скопје во Втората југословенска лига настапува со лекарско уверение. Во настапите за БК Скопје нема доживеано пораз. На „Златниот гонг“ 1975 година е прогласен за најдобар техничар, а наредната за најдобар македонски боксер.

„Кога поминав во Куманово ми беше ветено дека ќе добијам стан, но не ми го дадоа. За инает изгубив 2-3 борби, бидејќи не си го одржаа зборот“.

Горчината на поразот ја почувствувал во 1976 година од прославениот југословенски ас, Драган Вујковиќ, во полуфиналето на шампионатот на поранешната држава. Но, и тогаш не доживеал вистински пораз, затоа што Вујковиќ само еднаш го допрел, а судиите му доделиле победа од 3-2, со која отишол на Олимпсиките игри во Монтреал 1976 година, додека тој се вратил во училиште.

Memeti tekst vesnik 1

Завршува средно фискултурно училиште, по што веднаш заминува за Франција, но оттатму го враќаат во Скопје.

И во 1977 година е во полуфиналето на Државното првенство на Југославија кое се одржувало во Скопје.

„Се борев со Слободан Качар (голем ас на боксот во СФРЈ), бидејќи ми беше голем пријател му реков дека ќе му ја пуштам борбата, за да се бори со Ристиќ од Раднички- Крагуевац. Потоа заминувам во Белгија и ја почнувам професионланта боксерска кариера“.

Memeti tekst 3

Како професионалец има 62 борби со 52 до 54 победи (во моментот не можеше да се сети на точната бројка-н.з.) од кои 30 со нокаут. Од 8-10 порази што ги имал два се намесетни, три заслужени, а другите ги изгубил неправедно. Стигнува до првата професионална дивизија.

„Да тренирав ќе имав и шампионска титула“, каратко прокоментира Мемети, кој, сепак, не жали многу за тоа, бидејќи преку боксот го видел целиот свет, а во приватниот живот заработувал многу повеќе.

„Во сите книги и списанија во 1979 година бев број 1 кандидат за светската титула во полутешка категорија и требаше да се борам со Марвин Адлер“.

Со Жан Клод ван Дам
Со Жан Клод ван Дам

Тој ги победил правкот на Пацификот Фабијан, како и Томази со нокаут во четвртата рунда. Неговите противници секогаш биле потешки со по неколку клилограми. Во 1985 се бори со Доминик Нато, кој бил европски, светски и олимписки шампион, при што издржал 10 рунди, иако не тренирал, а загубил со 3-2. Тој меч го гледале прославените француски актери Жан Пол Белмондо и Ален Делон.

„Белмондо секогаш кога ќе дојде во Брисел ме вика на вечера, додека со Жан-Клод ван Дам постојано сум на пијачка. Тој дојде во мојот клуб да тренира бокс и сакаше лично јас до го научам. Му реков дека тој не е за бокс, бидејќи е мал. Го упатив да тренира фулконтакт. Како благодарност за она што стана, сакаше да ме земе и мене да играм во некои од неговите филмови, но јас не сакав, ама му пратив двајца Мароканци кои тренираа кај мене“.

Memti i zivko vo od

Иако долго време не се бави со бокс, зане да ги земе ракавиците и да вежба со 2-3 професионалци, кои му завидуваат на стилот што го има или, како што вели тој:„Удирај го противникот а да не го повредиш“.

„Не можат да ја разберат нашата боксерска школа. Нивото и техниката што ги добив во Скопје ми останаа за цел живот. Секој ден трчавме по 25 километри. Кога бев во составот на репрезентацијата, тренерите Дуковски и Бруно Хрстински (тренер на југословенската репрезентација) ќе ни дадеа предност од 2-3 километри, а потоа ни пуштаа шарпланинец да не брка. Кој не можеше да истрча се качуваше на дрво, за да не го искаса кучето. Никогаш не ме касна шарко“.

Memti zivko i Nade

За она што го виде на „Златниот гонг“ и  она што го гледа во денешниот бокс ќе рече:„Не може да се споредат она време кога се боксиравме ние и денешното. Ако се оценуваат со оцена од 1-10, ние ќе добиеме 10-ка, а денешниве боксери 3-ка. Ние бевме ателти“.

Според Мемети, до успех може да се дојде само со работа и со послушност на тренерите, но и тие да бидат построги спрема боксерите.

„Техника, дисциплина и образование, тоа се трите елементи за успех. Ние моравме да бидеме и добри ученици, во спортивно не бркаа од клубот. Татко ми не сакаше да слушне да тренирам бокс. Мајка ми и Дуковски го молеа. Живко виде дека сум многу талентиран и затоа беше настојчив. Татко ми се согласи под еден услов, да ги поправам единиците во училиште. Седумте единици станаа седум петки“.

Неџат Мемети најавива двомеч Белгија-Македонија во Брисел идната година некаде во април-мај.

Ipon.mk/В. Донев

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО