АктуелноДомашна сценаКарате

Нашиот светски судија Милошевски со нови информации: Потврдени измените во карате правилата кои ќе важат од 2026

Нашиот светски карате судија, Дејан Милошевски, на неодамнешната средба со заменик претседателот на ВКФ, Гунар Нордал, пренесе потврдени информации за неколку значајни измени во правилата кои ќе почнат да важат од 2026 година.

Основата и понатаму останува иста – секој поен мора да ги задоволува сите шест критериуми:

  1. добра форма
  2. спортски став
  3. енергична примена (брзина и сила)
  4. добар тајминг
  5. правилна дистанца
  6. одржување на свесност (заншин)

Она што ќе се менува е дека правилата ќе вклучат појасни насоки за ситуации кои досега беа нејасно дефинирани, со цел да се избегне доделување поени на акции кои не ги исполнуваат сите критериуми.

Поголема важност на „заншин“

Една од главните измени се однесува на вниманието – свесноста на натпреварувачот по изведување на поенот. Доколку натпреварувачот ја изгуби свесноста, на пример ја сврти главата и не го задржи вниманието врз противникот по завршување на техниката, поенот нема да се признава.

Санкции за несоодветно однесување

Според новите правила, нема да биде дозволено трчање околу противникот или гласно викање директно пред неговото лице по успешно поентирање. Таквото однесување ќе се смета за несоодветно и ќе биде санкционирано, бидејќи каратето ја нагласува самоконтролата и спортскиот дух.

Измени при борба на под

Во ситуациите кога противникот е соборен на под, натпреварувачот ќе има право да поентира веднаш – но исклучиво со удари со рака. Ударите со нога во оваа позиција повеќе нема да носат поени.

Измени во ката дисциплината

 

Во катите, исто така, се воведуваат неколку дополнувања:

Јасно изговарање на името на катата: пред почетокот на изведбата, натпреварувачот мора појасно и разбирливо да го каже името на катата, без дополнителни викања или варијации.

Забрана за визуелни измени на кимоното: нема да биде дозволено натпреварувачите да го превиткуваат задниот дел на кимоното за создавање на „крилца“ или за правење некој визуелен ефект.

Очекувани дополнителни измени

Милошевски најави дека во наредниот период ќе бидат презентирани и деталите околу можен нов систем за бодување во ката, кој ќе донесе уште поголема унифицираност и правичност во судењето.

„Овие дополнителни измени ја зачувуваат традицијата на каратето, но истовремено го модернизираат натпреварувачкиот систем. Од сите големи интернационални и локални натпревари се следат и собираат информации и препораки преку најразлични прашалници, неформални средби и семинари, со цел да се подобрат правилата и да се приближи каратето кон олимпиското семејство. Како и досега, ние мора да работиме континуирано и да ги следиме новите правила. Верувам дека од 2026 година ќе имаме уште појасни правила и фер натпревари“ изјави Милошевски.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON