Некои работи тешко се стекнуваат а брзо се губат од простодушни пресметки за нешто веднаш и сега. Иако сите се согласија да го креваат боксот од мртва точка и дека ќе работат на долги патеки за повторно да ја вратат славата на еден од најсупешните спортови во нашата земја, кој патем има и два олимписки медали – сребрениот на Реџеп Реџеповски од Олимписките игри во Лос Анџелес во 1984 година и бронзениот на Аце Русевски од ОИ во 1976 година во Монтреал, сето тоа го погазија за неколку минути во последното коло на Првата и Младинската лига во Штип.
Неоспорно е да има искри пред мечевите/колата, па и надмудрувања со категориите, но да ги надмудриш љубителите на боксот е автонокаут, бидејќи боксот не се сведува на проста математика како да се освои титулата или како да го за..ам конкурентот. Ако е благородна вештина, така и треба да се однесуваме спрема него, затоа што публиката сака да гледа бокс, а не како летаат крпите по 10-20 секунди поминати во рингот. Или, поинаку кажано, што видоа најмладите боксери кои беа дел од воведните борби? Ако така ги учиме уште сега, тогаш не може да сметаме дека ќе добиеме врвни боксери туку забушанти и ескиватори. Резултатот ќе биде понижувачки за сите.
Вчера и во сабота најслушан збор токму од Вас стручњаците беше – ЦИРКУС!
Ако првиме циркусанти, шаторот беше иделано место, но без рингот. Не верувам дека паричната награда во Младинската лига е толку голем мотив за таков однос спрема спортот. Можеби има каење од сите учесници во циркусот, сепак, штетата е направена. Сега ова подразбира нарушување на еланот и полетот што си го зададе Боксерската федерација на Македонија. Ако сакаме да биде маалски фраери, целта е постигната. Ако сакаме врвен бокс кој ќе освојува медали од Европски и Светски првенства, тогаш сме на погрешна патека. И башка работа што гостите од Ваљево ни го гледаа сеирот.
Од овие причини УО на БФМ ќе треба да размисли што и како понатму, дали треба да се менува нешто во системот на натпреварувањата, па и да има санкционирање за недолчни однесувања. Уште позагрижувачко од циркусот е она што можеше да се прочита на социјалните мрежи од некои актери во овој спорт, што наведува на национална и вреска нетрпеливост. Е ова е веќе алармантно и нема место во спортот за вакви работи. Во спротивно, амбисот е на повидок.
Ipon.mk/В.Д.