МТФ: „Скопје опен-Рамус Г1“ потврди дека Македонија е значаен фактор на светската таеквондо сцена

Викендов во „Борис Трајковски“ успешно се одржа најголемиот спортски настан – таеквондо турнирот Скопје oпен – Рамус Г1, на кој учествуваа повеќе од 1.000 натпреварувачи од 41 земја држава.
Турнирот беше во организација на ТК Бутел, Македонската таеквондо федерација и ТК Рамус.
Во исклучително силна конкуренција, македонските таеквондисти остварија одлични резултати.
На првиот ден од Скопје опен, младите таеквондисти освоија пет медали:
Ведрана Тунески (ТК Бутел) – сребрен медал со три победи
Ненад Целески (ТК Хваранг фист) – сребрен медал
Душица Бресалиева (ТК Штип) – сребрен медал со две победи
Теодор Стојановски (ТК Бутел) – бронзен медал со две победи
Антонио Негријовски (ТК Феникс) – бронзен медал

„Во сениорска конкуренција, најдобриот македонски спортист Дејан Георгиевски блесна во полн сјај и ја покори светската таеквондо елита.
Со четири доминантни победи – против Австриецот Абулда Алмагди, европскиот шампион и светски вицешампион Иван Шапина, како и Пашко Божиќ, освојувач на европска и светска бронза – Георгиевски стигна до финалето, каде со убедливи 2-0 го совлада Израелецот Илиа Рудерман.
Со овој златен медал, Георгиевски освои нови бодови во трката за олимписка норма“, велат од МТФ и додаваат:
„Овој турнир уште еднаш потврди дека Македонија е значаен фактор на светската таеквондо сцена, додека Македонската таеквондо федерација останува цврсто посветена на создавање врвни резултати и континуирана поддршка на македонските таеквондисти“.



