Моќна порака на Азиз Исмаил: Се свири македонската химна, гордо го носиме македонското знаме, а не сме поддржани од сопствениот народ!

Aziz so medalot

Овие два дена се водеше жестока дебата на фејсбук страницата на „Еден на еден“ по предлогот на уредникот на оваа страница: „Успехот на македонската фудбалска репрезентација до 21 година нè натера да направиме листа на топ10 моментите што ја израдуваа македонската нација во оваа 2016 година“.

На прво место го поставува пласманот на македонската репрезентација до 21 година на Европското првенство во Полска, а останатите места останаа празни.

Каратистот Азиз Исмаил (Металург) кој на Европското првенство за кадети, јуниори и јуниори до 21 година го освои бронзениот медал во борби во конкуренција на јуниори до 21 година, влезе во жестока дебата и одбрана на успесите на боречките спортови. Неговите зборови се искрени и трогателни и во насока на афирмација на каратето и другите спортови кои редовно освојуваат медали, а се запоставуваат во јавноста.

Aziz ismail na piedestal na EP 2016

Еве што напиша Азиз Исмаил:

„Не сакам никого да оцрнам, само сакам да посочам… Најпрво, секоја чест за младите фудбалери до 21 година што не направија горди и се пласираа на следното Европско првенство. Овации и честитки од цела Македонија и цела спортска јавност за историскиот успех. Во ред. Жално е што македонската јавност е запознаена само со три спорта: ракомет, фудбал и кошарка. За среќа, имаме и други спортови/спортисти: каратисти, кајакари, автомобилисти, борачи. Ние носиме многу поголеми успеси за Македонија отколку од погоре спомнати три спорта.

Овој историски успех ние го постигнавме многу одамна. Ние не само што се пласиравме на Европско првенство, туку, истото го имаме освоено. Нашите успеси не ви ги топлат срцата?! Нашите успеси не ве прават горди Македонци?! Некои од нас заслужно земаат и спортска пензија од страна на државата за нашиот постигнат успех, а вие не ни знаете дека ние постоиме – како спортисти. И на нас ни е потребна поддршка и овации од сите вас. Жално е што не сме поддржани од сопствениот народ. Но и покрај тоа, кога ние ќе се качиме на пиедесталот, кога Македонската химна ечи во Европа и пошироко, ние на грбот го носиме нашето знаме, Македонското знаме! Нашите успеси треба да ве прават горди, в(н)ас Македонците!

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО