Младеновски: Го враќаме Пинк пантер на повисоко ниво, го реактивираме Меморијалот „Јордан Мијалков“

Викендов што доаѓа Штип ќе центар на боксот во Македонија, бидејќи во сабота се одржува меморијалниот турнир „Јордан Мијалков“, кој повторно се враќа на сцената, а во недела 2.коло од Првата и Младинска лига.

Токму за третиот по ред меморијален турнир „Јордан Мијалков“ разговараме со Илија Младеновски кој заедно со Димитар-Мите Ташков се носители на активностите на Боксерскиот клуб Пинк пантер тим и главни виновници за многу боксерски случувања во Штип и Македонија.

„По неколкугодишната пауза повторно започнуваме да го враќаме клубот на едно ниво повисоко, а со тоа и го реактивираме нашиот авторски турнир Меморијал „Јордан Мијалков“, вели Младеновски и додава:

„По 2017 и 2018 година, кога практично бевме во најјак состав, и во  Регионалната бокс лига и на поединечното и на екипното првенство во Македонија, во следните неколку години можеше да се забележи дека клубот постепено ги намалуваше и капацитетите у резултатите“.

Младеновски истакнува дека кон крајот на 2018 година заминува за Шведска, а акцентот му бил повеќе на работата тука околу организации на мечеви и работата со ринговите низ Скандинавија и Европа.

„Потоа, кон крајот на 2019 година ни дојде короната, па клубот тотално беше затворен, за и ние да дадеме некаков придонес во општеството околу спречувањето на короната. И кога се работеше повремено, се беше сведено само на постојните членови и не ги зголемувавме капацитетите“, истакнува Илија и нагласува дека во 2022 година повторно почнале со работа.

„Во 2023 година направивме реконструкција во управата и тренерската екипа. Практично во нашата управа ги собравме сите имиња синоними за бокс во Штип. На местото претседател беше поставен Димитар Ташков – нашиот поранешен репрезентативец и професионалец. Генерален секретар е Ристе Ристов – нашиот поранешен боксер, а координатор на клубот – Илија Младеновски.  Во управен одбор се: Баже Донев – поранешен претседател на БК Баргала и поранесен потпретседател на БФМ; Ристе Грбев – нашиот тренер и боксерски работник; Илија Младеновски, Димитар Ташков, Иле Грбев, Ристе Ристов, Тони Тричковски, Таше Ташков и Димитар Белич.

Тренери и шефови на стручен штаб: Петре Чурлиновски – селектор на репрзентацијата и човек кој е 50 години во македонскиот бокс; Славе Денков – нашиот тренер кој практично целиот свој живот е во боксерската сала и заедно со Чурлиновски се синонимите на штипскиот бокс; Дарко Денков – млад тренер кој активно ги воид сите почетни групи. Судии од нашиот клуб: Мејдин Бајрам.

Со новата постава и со новите визии, БК Пинк пантер чекор по чекор повторно се издигнува и се враќа на едно повисоко ниво. Имаме група на нови деца кои учат бокс, група на боксерчиња почетници и веќе тренерите имаат екипа од 7-8 активни боксери кои се присутни и учествуваат на секој боксерски настан“, вели Младеновски.

Тој нагласува дека неколкумина од нив работат и делуваат во други држави, при што отвораат соработка со клубови од други земји. За брзо време очекуваат Штип повторно да биде домаќин на некоја манифестација од светски размери.

„Ексклузивно, од догодина за прв пат „Златниот гонг“ ќе може да се оддржува и во другите градови, освен во Скопје. Па, ние од БК Пинк пантер веќе сме во преговори со Националната боксерска федерација и нашите спонзори и спортски работници од Штип. Наредниот мај првиот Златен гонг да биде под покровителство на БК Пинк пантер и да се оддржи во Штип“, истакнува Илија и додава:

„Патот е тежок и долг, но кога се има визија и желба, не може да биде во друга насока, освен напред и нагоре“!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО