Јанушевски: Преоптимистичка беше најавата на селекторите дека ќе се вратиме со многу повеќе медали од ЕП!

Пред Европското карате првенство за кадети, јуниори и јуниори до 21 година во Софија, Бугарија, се ширеше оптимизам дека можеме да освоиме најмалку три медали со оглед на ланските шест на ЕП во Кипар (едно сребро и пет бронзи), што беше најголем успех во оваа конкуренција.

Можеби билансот ќе беше подобар да не беа оштетени од судиите Петар Спасеновски (-84 кг, У-21) и Вероника Костовска (јуниори), па и поразот на Моника Пендароска на изјаснување, која до сега има освоено три медали.

Тренерот на Металург (клубот имаше девет репрезентативци), чиј член е Спасеновски, и кој го водеше во натпреварите, Мирче Јанушевски, за „Нова Македонија“ изјави:

„Мислам дека беше преоптимистичка најавата на селекторите дека од ова ЕП може да се вратиме со многу повеќе медали. Сепак ова е ЕП, каде што секој може секого да победи, а да не зборуваме за влијанието на неправедните судиски одлуки, како онаа, со која на Спасеновски му беше „украден“ медалот. Сепак 4-5 каратисти и каратистки беа подготвени за медал на ова ЕП, но околностите беа такви што останаа без него. Тука би ги истакнал Марио Свинарски, Давид Петков, Вероника Костовска, Моника Пендароска, Петар Спасеновски, Семир Ќосовиќ… Всушност, меѓу овие млади надежи, во комбинација со неколку поискусни, треба да се бараат и потенцијалните кандидати за ЛОИ 2020 во Токио. На македонските репрезентативци им требаат повеќе заеднички тренинзи каде што ќе работат заедно, потребен е и настап на што повеќе силни турнири, па и надвор од Европа, каде што настапува светската елита и каде што каратистите побрзо би созреале. Со еден збор, потребен е систем на работа што ќе ги исфрли на површината што побргу кандидатите за ЛОИ“.

Јанушевски за Ipon.mk истакна дека сака со стручни лица – судии да ги прегледаат снимиките и да се реагира кај Судиската комисија на ВКФ. Тој наведува дека и селекторот на Босна и Херцеговина признал дека Спасеновски е оштетен од судиите со збопровите: „Покрали су вас“!

Може само да не радува фактот што продложи континуитетот на освојување медали од младинските ЕП во последниве 6-7 години. Сепак, ова е и прв медал за македонските каратисти откако каратето и официјално стана олимписки спорт, а ќе дебитира на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, во 2020 година.
Да потсетиме дека бронзениот медал го освои членот на Макпетрол, постариот јуниор (до 21 год.) Петар Заборски во категоријата до 75 кг. Заборски и како јуниор е носител на сребрен медал од ЕП пред две години.
Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО