Менаџерот на Нгану го откри потенцијалниот противник на Френсис: Џошуа е лесна задача

Поранешниот шампион на УФЦ во тешка категорија Френсис Нгану импресионираше со својот настап против Тајсон Фјури на неодамнешниот боксерски настан во Ријад.

Камерунскиот нокаутер не само што издржа десет рунди против шампионот на ВБЦ, туку му ја даде, како што вели самиот Тајсон, најтешката борба во последните десет години.

Посебно ќе се памети моментот во третата рунда кога Нгану го испрати Фјури во нокдаун.

Одличниот настап против Кралот на Ромите му отвори голем број на можности на Френсис, од останување во боксот до продолжување на кариерата во ММА.

Многумина веднаш покажаа интерес за борбата против Нгану, особено боксерските промотори кои многу би сакале да го видат во рингот со Џошуа, Вајлдер, Жанг, Џојс или пак со Фјури.

Камерунецот треба да дебитира во октагонот на ПФЛ следната година, но извршниот директор на промоцијата Дон Дејвис не знае дали Френсис ќе договори уште еден боксерски меч пред тоа.

Менаџерот на Нгану, Маркел Мартин, тврди дека договорот со Ентони Џошуа е блиску и смета дека тој меч е „лесен предизвик“ за Френсис.

„Речиси се договоривме за следната борба на Френсис. Точно, има неколку комбинации, но во моментов најблиску е меч против Ентони Џошуа. Разговаравме со Вајлдер, а секако тука е Фјури. Во моментов сме најблиску до договор со Џошуа. Еди Херн верува дека оваа борба може да се организира“, изјави Маркел Мартин и додаде:

„Но, мислам дека Ентони Џошуа сигурно не ја сака таа борба. Нгану би имал лесна задача, тој е одличен спортист и сака да докаже дека настапот против Фјури не е случајност. Тој верува дека во реваншот може да го нокаутира Тајсон“.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО