Македонските тренери: Искуството на Кличко ќе ја победи младоста на Џошуа!

Бокс мечот меѓу Владимир Кличко и Ентони Џошуа побудува големо внимание во целиот свет, исто така и кај нашите боксерски стручњаци. Тие во нашата анкета прогнозираат дека искуството на Кличко ќе ја совлада младоста на Џошуа.

Носителот на бронзениот медал од Олимписките игри во Монтреал 1976 година, Аце Русевски, вели дека победник во овој дуел ќе биде Кличко.

„Неговото искуство е голема предност. Никогаш не загубил со нокаут, а, воопшто, во многу малку наврати ја има почувствувано горчината на поразот. Знае да го измори противникот и да го доврши“, смета Русевски.

Тренерот на поранешните успешни боксери Тони Насковски и Тони Јаневски, Миле Смилевски, истакнува дека и двајцата влегуваат со подеднакви шанси.

Војо Настевски кој своевремено работел и во кампот на прочениот Анџело Данди е за Џошуа.

„Мислам дека е помлад, има желба за упех и оди во нагорна линија. Вистинска машина за победи“, рече Настевски.

Доскорешниот боксер Примислав Димовски вели дека Кличко ќе го совлада Џошуа поради големото искуство.

Носителот на златниот медал од ЕП 1997 година во Битола, Фатон Салиху, предност му дава на Ентони и вели: „Ќе го нокаутира Кличко до 8-та рунда. Џошуа и млад и силен и доаѓа како олимписки шампион од 2012 година“.

Илија Младеновски од Пинк Пантер смета дека и двајцата имаат шанси, но, сепак, се определува за Кличко.

„И двјацата имаа премногу предности. Џошуа е премлад и се уште сака да се докажува. Од друга страна, Кличко сака да оди во пензија како светски првак. Така што и тој има мотивација. Поради искуството што го има и боксерската историја сметам дека Кличко ќе излезе како победник од овој меч“.

Васко Цубалевски – тренер на БК Универзалци е за Кличко, затоа што е најдобар и најподготвен.

Исто така и тренерот на БК Тернипе, Јадигар, предност му дава на Владимир.

„Се знае кој е мајсторот на рингот“.

Мирко Ристевски – Мице од БК Аперкат:„Кличко е со големо искуство и единствениот боксер по Мухамед Али, а друг таков не се родил, кој боксира со памет“.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО