Махмуд Чар и Кубрат Пулев се борат на 30 март за светската титула

Бугарскиот боксер Кубрат Пулев на 30 март во Софија ќе се бори против Германецот Махмуд Чар за испразнетата титула во тешка категорија на ВБА (регуларна).

Мечот ќе се одржи во Арена Софија, која може да прими 12.000 гледачи.

Украинецот Александар Усик моментално е сопственик на појасот на ВБА во тешка категорија, а на 18 мај ќе се бори против Британецот Тајсон Фјури за апсолутен шампион на светот.

„Имам сериозен противник со големо искуство“, рече Кубрат Пулев на прес-конференцијата, а неговиот менаџер Ивајло Готчев додаде:

„Ова е животна шанса за мене и Кубрат. Работам како промотер 30 години и отсекогаш сум сакал да стигнам до борба за светска титула во Софија“.

Чар има шест победи во низа, а последната ја извојува во декември 2022 година кога со прекин го совлада гостиварецот Нури Сефери.

Иако лани не се бореше, ВБА му го врати редовниот шампионски појас на ВБА, кој првпат ќе го брани против Пулев.

„Јас сум борец и парите не ми се важни. Се борам да оставам наследство. Ако се борите само за пари, тогаш сте изгубени. Работете напорно и тренирајте, а еден ден ќе добиете се што сте сонувале“, изјави Махмуд Чар.

Во професионалниот ринг, 42-годишниот Кубрат Пулев има 30 победи (14 со нокаут) во 33 борби, а 39-годишниот Махмуд Чар има 34 победи (20 со нокаут) во 38 борби.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО