Лоши подготовки лоши резултати на СП, нешто мора да се менува за ОИ 2020

karate-reprezentacija-na-sp-linc-2016

Се спушти завесата на првото Светско првенство во карате откако овој спорт стана олимписки. На СП во Линц-Австрија, Јапонија си го кажа своето дека ќе биде „добар домаќин“ на Олимписките игри во Токио 2020 година, освојувајќи девет медали – 6 златни, 2 сребрени и 1 бронзен. Иран се наметна како сериозен фактор, а се повеќе земји покажуваат аспирации да бидат дел од карате врвот.

До Олимпијадата во Токио репрезентациите ќе ги засилат напорите да го освојат историскиот олимписки медал, а конкуренцијата ќе биде уште поголема, затоа што ќе има по три категории и кај мажите и кај жените.

Отидовме во Линц со големи амбиции да го повториме и надминеме успехот од СП во 2010 година кога Жарко Арсовски го освои бронзениот медал, но, за жал, останавме и без пласман, бидејќи Емил Павлов и Симона Заборска кои стигнаа до четвртфиналето со три победи зависеа од противниците од кои беа поразени, односно тие требаше да се пласираат во финалето за да ги повлечат во репасаж.

Македонија има добри каратисти кои можат да остварат високи резултати, а неуспехот е повеќе од други причини – организациски и од систематска поставеност на работата. Уште пред одењето беше јасно дека концептот на подготовки два викенда по еден тренинг и три дена заеднички тренинзи во Велес се премалку за создавање на тимско-победнички дух. Останатите нации вежбаат во кампови и по неколку месеци. Имаат средби со други репрезентации во подготвителниот период. Нешто што го покажаа многу земји на СП. Затоа луѓето што го замислиле овој концепт е неуспешен, извлекувјќи се дека Павлов ни е сигурен и така ќе ги покриеме недостатоците.

Од друга страна, не може постојано да се поставуваат критериуми како да се оди на СП, што е дополнителен психолошки товар, а деградирање е што на домашното Државно првенство не му се дава поголема тежина, туку на одредени турнири. Соработката со клупските тренери и тренерите на репрезентација мора да биде на многу повисоко ниво оти еден репрезентативен тренер не може за три или четири дена да направи магија и да промени многу нешта во техничко-тактичката подготовка. Не е срамота да се побара да работат заедно. А, ако единствена цел е кој ќе ја добие наградата од Агенцијата за млади и спорт и тоа по препорака на Карате федерацијата на Македонија (КФМ), тогаш работата се сведува на лична добивка. Уште поголемо трескање од земја е да не соработуваш со тренерите на клубовите кои го даваат најголемиот број на репрезентативци. Изборот на лицата во телата најверојатно ќе треба да биде по поинаков критериум. Можеби е време за промени.

И на СП имавме технички пропуст со задоцнувањето на поднесување жалба, кое не чинеше пораз, а можеби и борба за медал. Ама, незнаењето на јазици и комуникацијата со службите на Првенствата не може да се покрие со кодошење или со викање „шефе вие сте во парво“. Затоа и имало тензична ситуација на СП, за која ќе треба да проговори официјланата делегација во Линц. На Европското првенство во Монпелје, Франција, загубивме чиста победа против Англија во екипниот дел, што можеби не чинеше медал на една од најталентираните генерации, а сето тоа поради лошата математика.

Затоа мора да се води сметка за многу работи, како селектирање, психо-физички предиспозиции, моторика, следење и анализирање, наместо со кого смеаат да зборуваат картистите и тренерите, за кого смеат да даваат изјави, оти тоа негативно ќе им се одрази по нив. Или да чуеш дрзок однос на репрезентативец што ниту во сон не може да замислиш дека тој би го кажал тоа. Големината на тренерите и спортистите не е во тоа и не треба да се поведуваат по нечија лична желба, зашто така уште на старт паѓа психичката предност, се внесува деконцетрација и се добива впечаток дека им се најважни парите газејќи преку другите. Во секоја работа има гордост, па така и во  каратето, а гордоста не трае еден ден,  месец или година, таа е вечна.

Од овие причини и АСМ и Македонскиот олимписки комитет ќе мора да поведат сметка во поддршката на Федерацијата, затоа што мора да има цврсто изградени критериуми за учество на Олимписките игри и да не чекаме некој да ни дава вајлд карта. И да проверат како се делеле парите.

Како намерно да се избегнува проблемот со намалувањето на сениорската конкуренција. Само ако се погледнат неколку државни првенства наназад ќе се види дека бројот на натпреварувачи се намалува. Дури и кај јуниорите до 21 година кои треба да бидат двигател во наредниот период. Само во една категорија имало осум натпреварувачи, во другите по 3-4, 5-6 каратисти.

Се зборува за стартување на лига натпреварување. Тоа е дефинитивно добро за развјот на каратето и правењето на атмосфера на трибините. Но се поставуваат повеќе прашања. Зошто беше укината лигата со доаѓањето на првиот човек на Федерацијата? Зошто имаме се помалку сениори? Зошто клубовите не сакаат да држат сениори? Кој е мотивот да се остане сениор, односно што му нуди клубот, Федерацијата, државата? Дали системот за наградување е добар? Кој треба да се награди (во тренажниот процес)?

Во однос на репрезентацијата, факт е дека е еден дел од репрезентативците веќе се во позрели години и некои од нив поодамна се борат со повреди, затоа уште сега ќе треба да се размисли на кои сили ќе се смета за Олимпијадата во Токио 2020 година, за да почне изборот од сега, како и работата со нив. На неколку пати имаше не соодветен избор кој се одразуваше на резултатите.

Мора да се истакне како позитивен чин за Светското првенство во Линц што за прв пат КФМ на сите репрезентативци и го плати патувањето. Така и треба. И само така ќе се чуствуваат горди репрезентативци на Македонија, а не како досега клубовите да си ги плаќаат трошоците, па ако освои некој медал да му бидат вратени парите.

Ipon.mk/В.Д.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON