Легендата на македонското карате Мирче Опелоски: Јас сум само „шофер“, возам патници кои влегуваат и излегуваат на некоја станица!

Легендата на македонското карате Мирче Опелоски по отсуство од карате сцената во Македонија викнедов (18-19 јуни) се враќа на татамито за да одржи Карате-до семинар во спортскиот центар Форца во Скопје, кој е отворен за сите организации и стилови. Семинарот е во организација   на Бушидо доџо Македонија и сенсеи Владимир Јовановски.

Ова беше повод за интервју со нашиот прославен карате мајстор Мирче Опеловски.

По подолго време ќе правите Карате до семинар во Скопје, односно Македонија?

-Да, бидејќи повеќе децении живеам во мојата „друга“ татковина Шведска, се концентрирав најмногу таму. Со помош на пријатели од екс-Југославија отворив Карате-до клуб Малме кој го крстивме така како би бил пристапен за сите граѓани. Кога сенсеи Казе, заедно со Шираи сенсеи ја основаше ВКША (Светска Шотокан Карате-до Академија) во 1989 година, ние од Шведска само за неколку години се здруживме од 13 карате-до клубови. Тука имаше доста работа, како во организацијата, така и во ангажманот на тренинзи. Сенсеи Казе во првите години нѐ посетуваше 3 пати годишно, за во 1995 година имаме и дополнителен семинар само за носителите на клубовите и нивните асистенти. Паралелно започнав соработка со заинтересирани каратисти од повеќе земји, така што мојата работа покрај ангажирањето во Шведска се прошири и во Јужна Африка каде што со г-дин Сан Пиле ја основавме ВКША Јужна Африка и во Русија каде што со г-дин Александар Дорменко ја основавме ВКША Русија. Исто така, соработував и со каратисти од Германија, Австрија, Словенија и Србија, каде што имав соработка и додека живеев во Македонија. Кога се појави желба од носителите на Шотокан карате-до д-р Славе Пашоски и Живко Тасевски имавме 2 семинари во Скопје и 1 во Охрид. Инаку, исто така неколку пати беше организиран семинар од страна на г-дин Мирче Јанушевски од КК Металург.

Какви се очекувањата од семинарот? Од каде сѐ ќе има учесници?

-Поканети се каратисти од регионов и мислам дека моите стандардни ученици од Србија ќе дојдат. Десетина веќе учествуваа на семинарот во Малме, Шведска, а сега, бидејќи сме соседи, веројатно ќе дојдат десетина. Не е важен бројот на учесници на семинарот, на постарите инструктори повеќе не им е потребна масовност и слава, потребни им се вистински следбеници кои ќе го продолжат патот „ДО“ што го трасирале Фунакоши О сенсеи, синот Јошитака Гиго сенсеи, Окујама сенсеи и Казе сенсеи. Тоа ви е како во животот, се среќавате и дружите со маса луѓе за да, по стекнување на големи искуства, Ве интересира само потесен круг. Ние во иднина ќе видиме, ако организираме редовно вежбање, ќе мора групата да ја поделиме на постари (читај посериозни, каде ќе имаме посериозен пристап) и помлади кои треба да се калат како што се кали челикот. Различен пристап, различна техника, па се разбира и поинаков интензитет. Постариот не смееме да го ставиме во менгеме и стиснеме, нема повеќе никогаш да дојде на слично место (се смее-н.з.).

Доаѓањето на учесници од странство значи дека го почитуваат Вашиот пат и продолжувањето на патот на единстевниот Таиџи Казе. Колку сето ова ви годи Вам?

-Доаѓањето на студентите на семинар е од различни побуди. Прво е континуитет на работа, доаѓаат како што би рекол Сенсеи да ги наполнат батериите, друго да поднаучат нешто од минатото преку разговори кои ги имаме пред и за време на заедничкиот ручек, а го имаме еднаш во тие неколку дена. Ние меѓусебно се потпомагаме (мислам со инструкторите), тие се одговорни за еден дел од организацијата на семинарот, а мојата задача е да ги насочам во кој правец да се организираат работите. Како пример ќе ви дадам дека порано полагањето за повисоки Дан степени беше на крајот на семинарот, а покасно го направивме да биде на почетокот или на средината. Со тоа добиваме, студентите се релаксирани по полагањето и можат непречено да работат Карате-до во состојба на „МУ“ (без мисла), неоптоварена мисла. Во состојбата на „МУ“ сме отворени и можеме да дејствуваме неуморно, поместувајќи ги физичките ограничувања на нашето тело.

Какво е наследството на Казе кај нас и во светот, како еден од неговите најблиски соработници?

-Не е благодарно јас да кажувам за другите. Се уште има во Франција, па и во Италија постари по години од мене и немам право да кажувам од мое име. Јас го следам патот на Казе сенсеи од 1973 година кога мојот прв тренер г-дин Драган Стојановски беше еден од петте кои се стекнаа со шодан, прв степен црн појас. Времето ќе каже какво. Мислам дека е можно некој од наследниците да не слушнал за мене и спротивно. Можеби следењето, знаењето е релативна работа. Некои се добро изрекламирани, некои не. Ја знаете онаа поговорка, „Оние што знаат не зборуваат, додека оние што зборуваат не знаат“. Тоа е тоа.

Што ќе им пренесете на младите каратисти?

-На помладите, а ќе се осудам да кажам и на постарите, бидејќи мојата работа е постојана пет децении, да не ја губат суштината. Секогаш треба да се започне од себе. Треба непрекинато да тренираме и да се усовршуваме, за тоа таткото на Шотокан карате-до О-сенсеи (голем учител) кажувал дека треба секојдневно да работиме макар тоа било и „само“ 15 минути, но многу пати по 15 минути кога ќе се соберат прават многу, но најважното е континуитетот. Како што имаме навика да јадеме/пиеме секој ден, така треба и да работиме Карате-до. Да работиме. Многу посериозно прифаќаме ако кажеме работиме. Така ме учеше г-дин Стојановски, мојот тренер од првите години. Вежбата е спорт. Вештината е на многу повисок степен на потреби од (само) физичкото ангажирање. За нас е прво духот, а на второ место е техниката, Затоа и сенсеи Фунакоши Гичин го нарекол Карате-до, патот на празната рака. Празна во подлабока смисла на зборот. Само со празнењето можеме да се надополниме. Зарем не?

Дали ова значи дека ќе видиме и други семинари во Македонија и регионот со Мирче Опелоски?

-Тоа зависи од Вас, моето ангажирање, а и од вака сенсеи Владимир Јовановски, како ќе ја прескокне првата пречка. Прашајте го него. Јас сум само „шофер“, возам патници кои влегуваат и излегуваат на некоја станица. Но некои одат непрекинато. Можеби до крај. Такви ни требаат. Сериозни, чесни и работливи. Другото само ќе се развива спонтано.

Пред неколку години бевте присустни во македонското карате, па и со ангажман во МКФ, но наеднаш се повлековте и сега, пак, доаѓате од Шведска. На што се должи тоа?

-Јас на покана на тогашниот претседател на КФМ Стојановски бев ангажиран како селектор во кати во сите категории, пред 10 години. Како и секоја работа и таа ја прифатив додека можев да ја извршувам. Бев често отсутен од мојот матичен клуб во Малме. Бидејќи мојата фамилија (мојот син) сакаше да живее во родниот град Малме, го напуштив тој ангажман, а и поради напорната релација Малме-Копенхаген-Виена-Скопје. Тогаш немаше директен лет.

Во Србија секако, имам редовен ангажман. Последниот пат имавме семинар на Копаоник во природа и во доџо/сала, следниот ангажман е на Власинско езеро за помен на мојот асистент сенсеи Сашо Ѓорѓевиќ кој се организира од страна на сенсеи Драган Стојановиќ, кој е негов и мој ученик. На почеток на есента мислам дека и во Љубљана ќе се организира таква активност.

Се позабележливо е бегањето од основните вредности на карате патот. Како да се надмине оваа ситуација?

-Јас мислам дека во сите дејствувања има тектонски промени па така и во нашето. Ние не смееме да го „напаѓаме“ спортското карате, затоа што и ние во еден период покрај традиционалното вежбање имавме и борба. Нагласувам борба, затоа што беше сурово, не само за поен. Со време тоа добиваше нов облик и со тоа малку по малку се трансформираше во поен. Борбата го изгуби епитетот силно да удриш, да истраеш, кога ќе те удрат и со раскрварени усни не покажуваш слабост туку чекаш борбата да продолжи како и ти би удрил витешки. Проблемот кај спортското карате е што правилата редовно се менуваат и не се стандардни. Исто така, во некои спортски организации немаат прв човек Карате мајстор. Тогаш тоа е друга приказна.

Во едно наше интервју за магазинот „Борба“ пред 20 години рековте, а пренесно во Ипон.мк: „Нема добар стил-има лош толкувач“! Каков е соодносот денес на толкувачи на каратето?

-Искрено, повторно кажувам, не знам како работат другите. На пример, има добри демонстратори, а нема некој плод од нивните демонстрации за време на секојдневните тренинзи. После само неколку години приметив дека каратистот сака ти само да го надгледуваш што тој работи, повеќе отколку твоето „силно“ демострирање. Заедно работиме за обострано да направиме напредок. Така да прво ти демострираш и го иницираш, а после го зајакнуваш со твоето присуство и се создава атмосфера на плодна работа. Ти, ученикот и духот. Техниката е само средство. Може да биде било каква. Важна е примената. Верувајте, некој како г-дин Димче Кичевски, само со техниката ѓакуцуки стана првак на Југославија, мислам во 1973 година, работеше со повлекување и пресретнување.

Спортската димензија на каратето доби нова димензија со учеството на Олимписките игри во Токио мината година. Но, брзо го загуби кредбилитетот и на ОИ во Париз го нема на програмата, а истото се тврди и за Олимпијадата во Лос Анџелес. Има многу информации зошто каратето е изземено од програмта на ОИ. Какви се Вашите информации? И кој е Вашиот став за партиципацијата на каратето на ОИ?

-Јас воопшто не се занимавам со тоа дали и како ќе влезе спортското карате на ОИ. Во првата книга напишав за тоа дека џудото со влегувањето на ОИ како спорт автоматски го изгуби и својот До. Но, Ве молам, јас не се осмелувам да го критикувам олимпискиот комитет, без разлика дали ќе влезе на ОИ или не. Двата правци мора да продолжат. Да не беше тоа „спортско“ карате, не ќе можеше да се рашири толку брзо вештината на борење со празни раце Те.

Колку е променета псиохологијата на натпреварите од времето кога Вие настапувавте за репрезентацијата на СФР Југославија и денес?

-Јас не би сакал да ги омаловажувам сегашните елити на спортското карате, но секако разликата е голема. Можеби како што мојот учител кажуваше дека има голема разлика помеѓу оние кои вежбале во време на Втората светска војна и оние кои вежбале само 6 месеци потоа. На духовен план можеби е огромна. Мислам дека тогашниот Каратека беше поангажиран во текот на денот со карате. Живеевме за тоа и ќе живееме. Додека, пак, сега, што е нормално, новата генерација има потреба од полежерен живот, што не е ништо лошо. Затоа се трансформира во тоа што е. Ако згасне едното, добро е да го имаме и тоа. Подобро нешто отколку ништо (се смее – н.з.).

За Мирче Опелоски

Мирче Опелоски е роден во Охрид 1955 година. Носител е на црн појас 6 дан (во 2000 година), положен пред Таиџи Казе. Во кариерата имал преку 500 мечеви. Повеќе пати бил првак на поранешна Југославија, истото го прави и со ката тимот на КК „Работнички”, во состав Опелоски, Недев и Братислав К..

Според постигантите резултати во поранешна Југославија, го дели трето и четвртото место. Неостварена спортска желба му е победа над јапонската репрезентација, но во борбата за влез во финалето југословенската репрезентација губи од Египет. Досега не бил во Јапонија, иако најавува дека тоа ќе го направи многу бргу, ќе се обиде доживее нешта кои не се секојдневни.

Член е на Светската карате шотокан академија (ВКСА) и основач и прертседател на ВКСА

во Шведска. Сопственик е на 12 клубови во оваа земја и е шеф инструктор на тренерскиот кадар во Шведска.

Ipon.mk/ В. Донев

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО