Кристијан Андреевски: „Златниот гонг“ помина во одлична атмосфера, посебно сум горд што Ален Рустемовски го освои трофејот

Претседателот на Боксерската федерација на Македонија, Кристијан Андреевски, истакнува дека Меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“ што се одржа изминатиов викенд во Скопје поминал во одлична атмосфера и дека во двата дена се видени одлични борби.

„Како претседател на Федерацијата сум презадоволен од тоа како помина настанот двата дена за викендот.
Како прво, да упатам огромна благодарност до министерот за спорт, господинот Борко Ристовски и ресорното министерство кои ни помогнаа настанот да се одржи и се да помине во најдобар ред.
Благодарност и до градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој го отвори турнирот.
Воедно, упатувам срдечни честитки до нашите претставници и боксери кои ја претставија Македонија во најдобро светло и ни донесоа нови признанија, меѓу нив и главната награда, трофејот „Златен гонг“, изјави првиот човек на НБФ Андреевски.

Ќе потсетиме дека битолчанецот Ален Рустемовски го освои „Златниот гонг“ како најдобар боксер. Рустемовски во својот меч славеше со едногласна одлука против англискиот бокеср Џозеф Тарнер.
Признанија беа доделени и за најдобар македонски боксер, а тоа е Адријан Рустемовски, Даврон Бозоров е најдобар странски боксер, најдобар техничар е Џозеф Тарнер од Англија, Рио Гордон од Англија и Наум Стојаноски се прогласени за најборбен пар, додека Михал Мунетан од Моладавија е најдобар тренер, Роберт Винеман е прогласен за најдобар судија.



