По шестте одличја на каратистите на Макпетрол на БП во состав на репрезентацијата, Бошко Заборски: Задоволни сме од постигнатото, имаме квалитет и можности за многу поголеми резултати

На сениорското Балканско карате првенство изминатиов викенд во Тирана, Албанија, членовите на КК „Макпетрол“ во состав на репрезентацијата на Македонија се закитија со четири сребрени и две бронзени медали.

Викторија Јовановска се закити со сребрен медал во категоријата под 61 килограм, а Петар Заборски (-75 кг) освои бронзен медал, додека останатите се во екипнаконкуренција, како дел од составот на машкиот и женскиот кумите тим на Македонија.

„На ова најсилно регионално првенство земаа учество 11 држави, а од нашиот клуб замина сениорскиот состав. Задоволни сме од постигнатото, иако имаме квалитет и можности за многу поголеми резултатски постигнувања. Освоивме вкупно шест медали, од кои две во поединечна конкуренција, а четири во екипна, односно со тимовите во борби. Најдобар успех во поединечните настапи постигна Викторија Јовановска (-61 кг) која влезе во финалето и освои сребрен медал, како и Петар Заборски (-75 кг), кој се закити со бронза“, изјави тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски.

Тирана беше домаќин на Балканското првенство за сениори, а во рамки на турнирот имаше и ревијален дел за ветерани. Освен во борби, се одржаа и натпреварувања во кати. На шампионатот учествуваа по четири најдобри спортисти во секоја категорија од 11 земји, со пријавени вкупно 311 спортисти.

Покрај медалите во поединечна конкуренција на Викторија Јовановска (сребро, -61 кг) и Петар Заборски (бронза, -75 кг), со сребрени медали од Макпетрол се закитија Петар Спасеновски, Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ како дел од машкиот кумите тим на Македонија, додека со бронза освои Ангела Мојсовска со женскиот кумите тим. На турнирот учествуваа и Јована Мицовска и Данило Божовиќ.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО