Каратето олимписки спорт само во Токио – дефинитивно ќе го нема во Париз 2024

Долго време каратето чекаше да стане олимписки спорт и на Олимписки игри во Токио дебитираше, кои пред една недела завршија, ама овој спорт со долга традиција и историја и со најмногу спортисти по фудбалот (над 100 милиони во светот) повторно се враќа меѓу неолимписките спортови.

Најавите дека каратето ќе го нема на ЛОИ во Париз во 2024 година се официјализираа, спортскиот директор на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) Кит Меконел го потврди тоа. Наместо карате, во Париз ќе има – брејкденс.

„Процесот за распределба на спортовите е завршен, целта е да им се даде на сите што е можно поголема сигурност, па од минатата година веќе не е можна никаква промена во спортовите на ЛОИ 2024. Каратето не е на олимписката програма, а целта е да привлечеме што е можно повеќе млади“, рече Меконел.

Револт кај каратистите има, зашто овој спорт останува надвор од Игрите, иако во Токио се покажа како исклучително возбудлив, а Македонија имаше свој претставник во Пуликсенија Јовановска, која во кати го освои 9-то место.

„Ние почнавме да се оддалечуваме од вредностите на Олимписките Игри, само се зборува за пари, гледачи, веќе никој не зборува за спорт. Одлуката да го нема каратето е неразбирлива“, рече Стивен Да Коста, олимпискиот првак во кумите со 67 килограми.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО