Тренерот треба да е квалификуван и образован за областа во која е назначен да врши обука и тренажен процес, што подразбира поседување соодветни лиценци за дејноста.
Покрај ова, секој квалификуван тренер треба да ги поседува и следните способности:
-Својата работа да ја врши со специфична љубов и посветеност;
-Секогаш треба да распололожен и насмеан и да има трпение за своите ученици;
-Да им посветува подеднакво внимание на сите ученици без оглед на нивната техничка и моментална спремност како и други околности (од каква националност се, фамилијарна состојба, пол, роднинска поврзаност и слично);
-Никогаш не треба неоправдано да ги критикува своите ученици ниту пак неоправдано да ги исмејува со доза на сарказам.
Вистинскиот тренер не треба да се грижи и да биде заинтересиран само за напредокот во областа во која врши обука пример само во ЏУДО туку и во поширокиот спектар на едукативни обуки:
-Да бара да бидат добри и дисциплинирани ученици;
-Да знае во кој момент да ја пофали и да ја награди работата и трудот на своите ученици;
-Истите почесто да ги фали, отколку да ги критикува;
-Да примени казнени мерки само кога е тоа неопходно и е принуден да го стори тоа;
-Да развива пред се чесна и пријателска врска со своите ученици;
-Многу е битно да развива и наметнува чувство за правда, дружење и фер однос кон своите ученици;
-Да ги учи и едуцира на хуманост, издржливост и пожртвуваност.
Со сите овие аспекти тренерот развива реални погледи кај учениците за своевиден успех, кој успех, пак, учениците треба да го дефинираат како вложување максимални напори и подобрување на нивните вештини, а не само победа на противниците.
Запомнете, учениците никогаш нема да изгубат ако ги вложат своите максимални напори за да стигнат и да ги постигнат предвидените цели, напротив истите ќе ви бидат благодарни еден ден на вашите заложби.
Тренерот треба да има високи критериуми во однос на однесувањето на децата и своите ученици, како и од аспектот на нивната спортска култура и почитување не само во спортот, туку и воопшто, во секојдневието.
Децата и своите ученици треба да се учат да развиваат високо ниво на почитување на претпоставените, постарите лица, родителите и особено меѓусебното почитување.
Тренерите треба да ги спроведуваат своите тренинзи и обуки на начин истите да бидат интересни и што поразновидни, грижејќи се да бидат опфатени сите аспекти од општественото живеење а особено во развојот на децата.
Децата треба да се учат да не ги кршат правилата и принципите, да не се обидуваат да им наштетат или да ги злоупотребуваат другите.
И на крај, во никој случај да не продуцираат насилничко и неспортско однесување!!!
Пишува: Дејан Мицкоски – тренер на ЏК Сеишин