Јан Блахович: Адесања ќе ме памети цел живот

Шампионот во полутешка категорија Јан Блахович очекуваше УФЦ да му понуди борба со Израел Адесања. Од неодамна стана извесно дека организацијата сака да ги спротивстави во март 2021 година за титулата во полутешка категорија. Непоразениот шампион во средна категорија ќе се качи во полутешка категорија за да бара втор појас.

Блахович не е подготвен да се раздели со титулата што ја освои пред неколку месеци. 37-годишниот Полјак смета дека за Адесања ќе биде подобро да се бори со борец кој е уште назад во поредокот. „Принцот од Циешин“ изјави дека во полутешка категорија сè е поинаку и Адесања ќе има проблеми. Блахович е возбуден од оваа борба и се заканува дека ќе победи, а Адесања ќе го памети цел живот:

„Еден ден по мојата битка, знаев дека ќе сакаат борба меѓу мене и Адесања. Ми испратија пораки во авионот кога одев накај дома. Затоа, бев малку изненаден, но и возбуден, бидејќи тој е еден од најдобрите.

Никогаш не изгубил борба во ММА, па ако ја направат таа средба, ќе бидам првиот што ќе го победи и ќе ме памети до крајот на животот. Ќе биде неверојатно. Мал бонус за мене. Цел живот сум во оваа категорија, затоа знам сè за оваа категорија. Сè е поинаку.

Кардиото е различно. Времето е различно. Брзината е различна. Можете да тренирате со момчиња во тешка категорија, можете да тренирате со момчиња во полутешка, но тоа е тренинг сесија. Битката е сосема поинаква. Кога борците ја менуваат категоријата, имаат проблеми со тоа, проблеми со сè. Секој не може да биде подготвен за ова. Ќе видиме.

Можеби Адесања ќе биде подготвен за тоа, но јас не мислам така. Ако сака да ја направи првата борба во мојата категорија со шампионот, тогаш тоа ќе биде проблем за него. Мислам дека е подобро за него прво да се бори со борец кој не е напред во поредокот. Ако сака да ја почувствува полската моќ, тогаш ќе бидам подготвен за неговиот прекрасен стил“, рече Блахович.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО