Ин мемориам: Блаже Георгиев-неповторлив другар, лекар и хуманист!

Blaze suto uke

Името на Блаже Георгиев (1954-2015) ќе биде запишано со златни букви во кочанското карате. Популарниот Доктор, до последниот момент активно вежбаше со членовите на својот клуб Партизан-Кочани и беше најголемата помош на тренерите Јорданчо Петров и Оливер Коцев. Имаше сила и кондиција како активен натпреварувач. Неговата ненајдена смрт ги затекна сите.

КК Партизан го загуби највозрасниот активен член, го загуби докоторот, кој во секој момент беше тука да помогне кога некој ќе се повредеше. Македонија загуби голем лекар и голем спортист. Тој беше „виновникот“ за брзото закрепнување на репрезентативецот Мартин Стојменов, кој под негова контрола се подготвуваше за Светското првенство во Џакарта, Индонезија.

Со карате почнува да се занимава во 80-тите години на минатиот век во Партизан 3 во Скопје, кај покојниот Драган Савиќ. Во 1986 година активно се вклучува во КК Партизан предводен од Ванчо Димитровски. Заедно со покојниот доктор Ѓорги Куга се дел од најголемите успеси на клубот во 80-тите години, кога буквално не се знаеше за пораз, а тие двајцата се грижеа за здравјето на каратистите.

„Благодарение на него и на неговите совети натпреварувачите поминуваа со мали повреди и беа навреме санирани. Беше со нас на сите натпревари. Колку што ми е познато, се нема натпреварувано, но отсекогаш важеше за цврст и борец со срце. Со еден збор, неповторлив другар, лекар и хуманист “, вели Ванчо Димитровски за ipon.mk, кој е видно возбуден поради загубата на личниот пријател.

Докотор Блаже Георгиев со мајсторски појас први дан се стекнува во 1993/94 година на еден семинар во Берово.

По враќањето од Скопје тренира со Иван Симеонов и со Стамен Каровски, кои тогаш беа тренери во Партизан.

По дипломирањето на Медицинскиот факултет во Скопје почнува да работи како општ лекар во Облешево-Кочани. По извесен период оди на специјализација (хирургија) во Скопје, по која се враќа во Кочани како хирург и до денот на неговата ненадејна смрт работеше во болницата во Кочани.

Вечна ти слава Докторе!

ipon.mk/В. Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО