Игор Станојоски: Бронзениот медал ме мотивира и за медал од европско првенство!

Stojanovski na piedestal vo Herceg novi bP 2016

Игор Станојоски освои бронзен медал на Блаканското џудо првенство за сениори во категоријата до 100 килограми, нешто што досега не се имаше случено. Ова дава надеж дека македонското џудо може да очекува и подобри времиња и резултати.

Македонската репрезентација освои три бронзени медали, а преостанатите два ги освоија Катерина Николоска и Арбреша Реџепи.

Станојоски со џудо се занимава од 16-тата година во ЏК Вардар. На татамито е 20 години со неговиот тренер, инаку селектор на македонската џудо репрезентација, Звонко Јаневски, носител на мајсторски појас 6 дан и единствен медалист во поранешна Југославија.

До сега Станојовски бил десетина пати државен првак во џудо, а учествувал и на светски и на европски првенства.

Igor Stojanovski BP Nerceg Novi 2016

Игор освои бронзен медал на Балканското првенство во една силна конкуренција. Не сум сигурен дали е тоа едниствен медал за мажи во историјата на македонското џудо, но секако е голем успех. Се надеваше ли na ваков успех?

-Да ова со сигурност е единствениот медал во сениорска конкуренција во џудо за мажи на Балканско првенство од осамостојувањето на Македонија до денеска. Искрено, се надевав на медал, затоа и отпатував во Херцег Нови.

Дали можеше и нешто повеќе?

-Лично сметам дека можам повеќе. Тоа ќе го покажам на идното Балканско првенство.

Според присутните, твојата борба за медалот била една од најатрактивните. Што всушност направи во тој момент?

-За медал се борев со репрезентативец на Турција, а знаеме дека Турција е велесила во овој олимписки спорт, изработив техника која е премногу атрактивна. Едноставно, по моето фрлање во салата настана едноминутен молк, а веднаш потоа голем аплауз со овации.

Дали ова значи дека сега во џудото се повеќе ќе се пишува и за мажите како фактор за успеси?

-Никогаш не сакам да генерализирам, но, верувајте ми, дека конкуренцијата во машкото џудо е многу посериозна и оттаму доаѓа и поголема тежина за успех во машкото џудо. Ние имаме многу надежни џудисти, се надевам дека во иднина ќе почнат мажите да постигнуваат успеси.

Покрај ова, настапуваш и во самбо и си државен првак. Како е да се настапува во два сродни спорта?

-Самбото е многу сличен спорт на џудото. Имено, самбото е изведено од џудото и затоа  оваа година решив да настапам и на самбо првенството. Со две атрактивни победи освоив златен медал, при што го победив дотогаш актуелниот првак. Сакам да напоменам дека во самбо се борев во апсолутна категорија, во најтешката.

Во која насока ќе оди твојата кариера?

-По долг период сега имам особено голема волја за тренинг. Се надевам дека ќе настапам на европско и светско првенство во џудо. Сигурен сум дека тренинзите ќе бидат со зголемен интензитет, останатото зависи од спортската среќа и од Бог.

Какви амбиции имаш?

-Сакам да донесам медал од европско првенство во џудо, а со тоа повторно да влезам во спортската историја на Македонија.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО