Игор Паскоски: Хамза Јашари доминираше на татамито за историскиот медал на македонското џудо! (ФОТО)

Хамза Јашари го освои историскиот бронзен медал за македонското џудо на Европското првенство за кадети овој викенд во Сараево, Босна и Херцеговина. Покрај Хамза беше неговиот тренер Игор Паскоски кој е еден од најзаслужните за успехот на нашиот џудист.

„Хамза Јашари беше во врвна спортска форма и очекувавме добар пласман, со оглед на досегашните резултати. Хамза едноставно доминираше на татамито, а 5-те победи со ипон и неговото џудо ги освоија симпатиите на љубителите на овој спорт. Освоениот бронзен медал е првиот медал за Македонија од едно Европско првенство во џудо и со сигурност може да се каже дека овој резултат е историски и отвора едно ново поглавје во македонското џудо“, вели Паскоски и додава:

„Уште во 2017 година главен таргет беше ова натпреварување и неговата спортска форма беше темпирана за максимален ефект на ЕП. Хамза Јашари се подготвуваше за ова првенство и за постигнување на ваков резултат со добро испланирана програма за која голема заслуга има ИЏФ експертот Габриел Сапта (6 дан). Да не го заборавиме и придонесот што го дадоа репрезентативците кои беа дел од тимот и редовно присуствуваа на тренинзите и без кои овој резултат немаше да се оствари. Станува збор за извонредни спортисти кои се исто така голем потенцијал за врвни спортски резултати. За жал се уште постојат недоразбирања со ЏФМ за кои се надевам дека во најкраток можен рок ќе бидат надминати за што медиумите ќе бидат дополнително информирани“.

Паскоски истакнува дека следна цел се Олимписките игри за млади што ќе се одржат во Буенос Аирес во месец октомври.

„Шансите на медал ќе зависат од подготовките кои ќе следат и за кои се потребни финансиски средства, а се надевам дека релевантните институции во државава ќе се погрижат за тоа. Хамза Јашари е гордоста на ЏК Миоки и македонското џудо, а јас ја имам честа да бидам тренер на еден ваков врвен спортист“, нагалсува м-р Игор Паскоски (4 дан).

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО