Најдобри клубови на Меѓународниот таеквондо ИТФ турнир „Охрид опен 2019“ се: Калојан-Ладимекс од Перник, Фалкон од Благоевград и Тервел 2006 од Севлиево.
Организаторот на турнирот Хва ранг ИТФ од Лескоец-Охрид осови 43 медали – 11 златни, 10 сребрени и 22 бронзени, со што беше најтрофеен клуб на натпреварот.
На турнирот во СРЦ „Билјанини извори“ изминатиов викенд (сабота) учествуваа околу 250 натпреварувачи од 26 клубови од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Македонија. Најбројни беа клубовите од соседна Бугарија.
„Можеме да се пофалиме дека беа дојдени најдобрите натпреварувачи од сите клубови . Се натпреваруваа во две дисциплини: форми и борби. Имавме можност да гледаме врвни борби и техники на овај натпревар“, вели Марјанчо Лазаревски, човекот кој го покрена турнирот за афирмација на спортот и на Охрид како туристичка дистинација.
Тој истакнува дека организацијата била на највисоко ниво, иако искуството не било многу на нивна страна.
„Направивме турнир што со кој ретко може некој да се пофали во Македонија, односно дека направил таква организација. Се гордееме читајќи ги коментарите од гостите на турнирот и од коментарите на сите очевидци. Натпреварот беше под водсвто на Сабум Вергилиј Ситнилски носител на црн појас VI дан, потпретседател на судиската комисија на ИТФ и одговорен за Југоисточна Европа, кој со своето искуство помогна овај турнир да тече без никаков застој и во најдобар ред. Ја користам оваа прилика јавно да му се заблагодариме, а воедно благодарност до судиската екипа која делеше несебично правда и овозможија најдобрите да се качат највисоко на пиедесталот“, рече Лазаревски.
Фото: Стојан Стојановски