Хрговиќ може да добие шанса да боксира против Усик: А тоа ќе се случи ако Фјури продолжи да бега

Непоразените светски шампиони Александар Усик и Тајсон Фјури треба да боксираат на 18 мај за обединување на појасите во тешка категорија. Украинецот на тој меч ги носи титулите на ВБО, ВБА и ИБО, а Џипси Кинг ќе го заложи шампионскиот појас на ВБЦ.

Последен шампион во тешка категорија со сите појаси беше Ленокс Луис кој ги освои во 1999 година, во тоа време трите најпрестижни титули.

Мечот меѓу Усик и Фјури требаше да се одржи на 17 февруари во Саудиска Арабија, но беше одложен за три месеци, бидејќи Британецот при спарин со Смакиќи се здоби со расекотина над окото.

Првиот човек на тимот на Усик, Сергеј Лапин изјави дека мечот сигурно ќе се одржи на 18 мај, а доколку Фјури повторно го откаже мечот, тогаш шанса ќе добие најдобриот хрватски боксер Филип Хрговиќ.

„Се надевам дека Усик ќе боксира против Фјури на 18 мај, но доколку Тајсон продолжи да бега, во договорот има клаузула според која Филип Хрговиќ ќе го замени во борбата. Мечот ќе се одржи на тој датум, без разлика дали Фјури е подготвен или не“, нагласи Сергеј и додаде:

„Замислете, Фјури ја доби исекотина на тренинг каде боксира со заштитен шлем на главата и со големи ракавици. Можете ли да замислите како ќе изгледа неговата глава по бомбите на Усик? Ако конечно реши да влезе во рингот, тоа ќе му стане најлош кошмар. Никогаш во животот не се борел со боксер од таков калибар“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО