Хабиб обајсни како е тешко да се биде ѕвезда: Популарноста стана поопасна од парите

Наскоро ќе се наврши една година од последната борба на Хабиб Нурмагомедов. Непоразениот Дагестанец го објави крајот на кариерата на крајот на октомври минатата година по победата против Џастин Гејџи, со која по трет пат го одбрани шампионскиот појас во лесна категорија на УФЦ.

Поранешниот шампион се посвети на тренерството, а започна и неколку бизниси. Сега зборуваше за товарот на популарноста и колку е тешко да се биде ѕвезда.

„Одиш во продавница, сите те гледаат и сакаат да се фотографираат. Одите по улица, секој сака да ве сопре. Излегувате во кафуле или ресторан, веднаш ве опкружуваат и сакаат автограм. Тешко се издржува тоа“, вели Хабиб Нурмагомедов и продолжува:

„Кога бев помлад, не го разбирав тоа, но сега разбирам. Неодамна бев во Бирмингем, Манчестер, Лондон и беше тешко да излезам и да се смирам. Популарноста стана поопасна од парите“.

По неговата кариера тој се сврте кон бизнисот и има ММА промоција, Игл ФЦ. Поранешниот шампион посочува како го смениле парите.

„Малку се променив, понекогаш добариот живот те фаќа неподготвен. И во мојата глава се е исто, доаѓам од село и никогаш не ме напушти. Моето село е секогаш во моето срце. Понекогаш уживам во добра храна и јадам се“, подвлече Дагестанецот.

Поранешниот шампион не го привлекува животот во ниту една светска метропола, остана во својот Дагестан, каде што живее со своето семејство.

„Можам да купам куќа во Калифорнија и да живеам таму, или можеби во Дубаи. Но, јас живеам во Дагестан, затоа што сум роден таму и моето семејство и роднини живеат таму. Многу ја сакам мојата земја“, истакна Хабиб Нурмагомедов и заклучи:

„Каде и да одам, едвај чекам да се вратам во Дагестан. Ние сме богат регион, но ни требаат социјални промени за да го направиме животот подобар“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО