Хабиб не жали што одлучил да ја заврши кариерата: Тоа беше затвор

Хабиб Нурмагомедов минатиот октомври стигна до 29-та победа во кариерата со триумф против Џастин Гејџи на УФЦ 254. Дагестанецот без пораз по трет пат ја одбрани титулата во лесна категорија, а потоа објави крај на кариерата.

Шефот на УФЦ, Дана Вајт се обиде да го убеди Хабиб да се врати, но шампионот остана цврст во својата одлука.

Тој се сврте кон бизнисот, има своја промоција за боречки вештини и сака да стане тренер. Со нетрпение очекува да не мора повеќе да тренира како професионален спортист.

„Животот на професионален спортист е како во затвор. Секој ден е скоро ист – тренинг, одмор, а потоа тренинг и повторно одмор. Живеете во ист режим, под ист ритам и немате време да забавите. Ако го смените тоа, тогаш веќе не сте шампион, сега сум ослободен од тоа. Беше затвор“, вели Хабиб Нурмагомедов, но сепак нешто му недостасува:

„Натпревари, тоа ми недостасува. Ми недостигаат многу работи затоа што тоа го правам цел живот. Но, не жалам што ја донесов таа одлука. Конкурентно опкружување, тренинзи, губење на тежината и слични работи, ми недостасува тоа. Зависен сум од тоа. Понекогаш сакам да влезам во октагонот и да се борам пет рунди. Но, еднаш сето тоа мора да го напуштиш“.

По заминувањето на Хабиб, шампионскиот појас во лесна категорија на УФЦ го освои Чарлс Оливеира кој го победи Мајкл Чендлер на УФЦ 262 во Хјустон.

„Времето ќе покаже дали донесов добра одлука. Секогаш ќе има предизвикувачи и нови шампиони, има многу гладни борци. Но, во овој спорт треба да знаете кога е крајот. Не мора да имате милиони, но задоволни сте со она што го имате. Таа смиреност е најголемото богатство“, подвлече поранешниот шампион.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON