Хабиб Нурмагомедов ги шокираше своите фанови со објавата дека триумфот над Гејџи е последен во неговата кариера, истакнувајќи дека ветувањето дадено на неговата мајка ќе биде одржано и тој повеќе нема да се бори во УФЦ-шампионатот. Сепак, познатиот руски спортски новинар, Васили Уткин, смета дека Дагестанецот нема да остане долго надвор од октагонот, а клучната улога во промената на неговиот став ќе ја има токму мајката на Хабиб.
„Сигурен сум дека Хабиб ќе се врати. Се што кажа е вистина, дека се повлекува поради ветувањето дадено на мајка си. Сепак, да не заборавиме дека сите мајки безусловно ги сакаат своите деца, а денот кога мајката на Хабиб ќе види дека на нејзиниот син и недостигаат борбите, таа ќе почне да се чувствува лошо околу целата ситуација. Таа нема да остави Хабиб да биде тажен, ќе му дозволи да се врати, а тогаш Хабиб ќе тргне во 30. борба, во чест на својот татко. Тоа нема да биде промена на одлуката, туку продолжение на беспрекорниот однос што Хабиб Нурмагомедов го има со своето семејство“, смета Уткин.
Хабиб Нурмагомедов досега во кариерата има 29 победи и ниту еден единствен пораз, со што е апсолутен шампион во лесна категорија од УФЦ-шампионатот.
Од наша страна, ќе додадеме дека токму на татко му беше желбата Хабиб да се бори 30 меча и потоа да замине во пензија како апсолутно најдобар борец во ММА. Како и тоа дека желбата на татко му и на него е да се бори со Жорж Сент Пјер. Хабиб го смета Сент Пјер за свој идол и сака борба со него.
Од друга страна, остануваат не расчистени сметките и со Тони Фергусон и со Конор Мек Грегор. Со Фергусон пет пати се одложуваше „проколнатата борба“, за што Тони го обвинуваше Хабиб дека намерно избегнува пресметка со него. Додека со Мек Грегор има повеќе причини за реванш, иако можеби тоа нема да биде негова желба, но влијанието на Дана Вајт и УФЦ ќе биде големо, затоа што тој е нивната златна кокошка за заработка, па големата пресметка ја чуваат за подобри времиња, кога слободно ќе се смета на публиката, а Ирецот е магнет за пари. Реванш меѓу Хабиб и Конор ќе продуцира заработка од стотици милиони, а зошто не и милијарда.