Едно од иконските имиња на боксот во овој век – Генади Головкин зборуваше за крајот на својата кариера. Казахстанецот го направи тоа на фонот на трилогијата со Канело Алварез, која ќе се одржи на 15 септември во Лас Вегас. Излегува дека ова може да биде последниот натпревар на ГГГ.
Головкин (40) е актуелен светски шампион во средна категорија на ВБА, ИБФ и ИБО. Сепак, борбата со Мексиканецот ќе се одржи во супер средна категорија, каде Алварез ги држи појасите ИБФ, ВБА, ВБО и ВБЦ.
Претстојниот мошне очекуван судир е трет меѓу нив. Нивната прва средба во 2017 година заврши со прилично контроверзно нерешено, иако голем број експерти тогаш го прогласија Головкин за победник. Една година подоцна повторно се соочија, а судиите донесоа одлука 2-0 во корист на Канело.
„Во секој случај, наскоро ќе се повлечам од рингот. Да се разбереме – имам 40 години и се ближам до крајот. Во таа линија на размислување немам омраза кон Канело. Тој е само уште едно момче, друг спортист, уште еден боксер за да се борам. Мислам дека привлекува премногу внимание“, рече Головкин.
ГГГ беше добар пријател со Сол пред години, со кој беа и спаринг партнери. Сепак, според Казахстанецот, славата не влијаела на неговиот сегашен ривал.
„Претпоставувам дека тој одлучи да оди по тој пат. Имавме нормална врска, но во една фаза почна да сфаќа се премногу сериозно. Тоа мора да е пропратен ефект од славата што ја добил. Сега тој е голема ѕвезда и се чини дека сака да го сметаат за таков“, додаде шампионот.