Георгиевски: Во Токио – Македонија има златен олимписки медал! (ФОТО)

По освоената „А“ норма, за Олимпискиот турнир во Токио, најдобриот македонски таеквондист, Дејан Георгиевски, денес одржа прес-конференција со Македонскиот олимписки комитет на која ја истакна амбицијата за освојување на златен медал на претстојниот најголем спортски планетарен настан.

„Благодарност до моите тренери Борче и Дарко Костовски. Без нив овој резултат немаше да се случи. Исто така благодарност до мојот клуб Бутел, моите клупски другари, моето семејство, но најмногу на Бог. Ова се денови кога македонската јавност дозна за историскиот успех. Ми следува малку одмор, а потоа се исклучуваме од реалноста и одиме на моментот „Македонија има олимписки златен медал““, изјави Георгиевски.

За оваа цел најдобриот македонски таеквондист ќе ја има целосната поддршка од Македонскиот олимиски комитет.

„Ние како Олимписки комитет препознавме кај нив квалитет и од првиот момент максимално тимски функционираме и никој од нас не се штеди да ги овозможиме најдобрите услови за еден врвен резултат“, нагласи Даниел Димевски, претседател на МОК.

За големиот успех, секако, многу се заслужни и неговите тренери Борче и Дарко Костовски, кои постојано се грижат да нема никаков застој во неговиот тренажен процес, да остане физички и тактички во елемент, а психички смирен и фокусиран на татамите.

„Успехот што е постигнат на квалификациониот турнир за настап на ЛОИ во Токио секако дека е од историско значење за македонскиот спорт, воопшто. Колку труд е потребно за да се стигне дотаму, најдобар показател се медалите кои Дејан досега ги освои од ЕП, Медитеранските игри, клупското европско првенство, многубројните турнири, како и медалите во европска јуниорска конкуренција. Обезбедувањето норма е само очекуван тек на настаните и секако увертира на тоа што нѐ очекува во Токио годинава. А самиот пласман на ЛОИ, пак, едноставно има само потврдно значење дека таеквондото е сега носечки спорт во Македонија“, задоволно вели селекторот на македонската таеквондо-репрезентација и тренер на ТК Бутел, Борче Костовски.

Покрај Георгиевски кој во Токио ќе настапи на 27 јули, од македонските спортисти со обезбедена олимписка норма е и борачот Могамедгаџи Нуров.

Фото: МОК

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО