Френк Ворен потврди дека испратиле жалба до ВБА и се надеваат на реванш меѓу Усик и Дубоа

Боксерскиот промотер Френк Ворен потврди дека испратиле жалба до ВБА и сакале да го натераат Александар Усик на реванш против Даниел Дубоа.

Имено, британскиот боксер неодамна загуби од Украинецот со нокаут во деветтата рунда на настан во Вроцлав.

Со оваа победа, 21-ва во кариерата, непоразениот Усик по вторпат ги одбрани титулите во тешка категорија на ВБА (Супер), ИБФ и ВБО.

Но, луѓето од тимот на Дубоа и промоторот Френк Ворен беа доста лути, бидејќи веруваа дека Даниел го удрил Александар со соодветен удар во петтата рунда.

Тогаш судијата Пабон му даде неколку минути на Украинецот да се опорави, со оглед на тоа што ударот беше под појасот.

Ворен ја објави жалбата, која деновиве и официјално беше предадена на ВБА.

„Конечно завршивме сè, ги собравме доказите и поднесовме жалба“, потврди Френк Ворен, а потоа продолжи:

„Би сакал да ја направат вистинската работа во ВБА, а единственото нешто што би било правилно е да наредат реванш. Нема причина да не го направат тоа веднаш, Даниел го заслужува тоа“.

Ворен верува дека неговиот тим собрал доволно докази за да ги поткрепи нивните тврдења и да покаже дека Дубоа го удрил Усик со легален удар.

„Колку повеќе гледате и анализирате, сè станува појасно. Сите вложивме многу труд за да собереме докази. Различни фотографии и видеа покажуваат како ударот на Даниел паднал на дозволеното место“, нагласи Френк Ворен.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО