Филип Хрговиќ со нокаут во третата рунда го победи Ахматовиќ

Филип Хрговиќ убедливо стигна до својата 14-та професионална победа во исто толку борби. Хрватскиот боксер го победи германско-српскиот борец Емир Ахматовиќ (10-1) со нокаут во третата рунда во МГМ Гранд арената во Лас Вегас.

Хрватскиот боксер уште еднаш демонстрираше одличен бокс и покажа дека 119-от тешкаш во светот не му е дораснат.

Судијата трипати му броеше на Ахматовиќ, кој во последен момент скокна како замена за Американецот Скот Александер.

Ахматовиќ на почетокот на мечот се обиде да го изненади Хрговиќ кој малку попретпазливо влезе во борбата. Во вториот дел од рундата Филип се ослободи и упати неколку силни удари.

Во втората рунда притисна уште посилно и го подигна темпото. Ударите на Филип добро легнаа во телото на противникот, на кого судијата мораше двапати да му брои во последната минута.

На почетокот на третата рунда Ахматовиќ уште еднаш клекна по налетот на Хрговиќ, а судијата ја прекина борбата.

За нешто повеќе од шест минути од мечот Хрговиќ упати речиси двојно повеќе значајни удари од противникот. Филип погоди 43, а Емир 24!

Хрговиќ со уште една убедлива победа испрати силна порака до своите промотори. Еди Херн пред некој ден му ветил дека следната година ќе има меч за предизвикувач на ИБФ.

„Се радувам на големите битки за кои долго време сум подготвен. Знам дека имам квалитети и талент да станам најдобар боксер во светот“, изјави пред некој ден на прес-конференција Филип Хрговиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО