Федор Емелијаненко: Руските спортисти се жртви на политиката

Руската боречка легенда Федор Емелијаненко упати апел до светската заедница. Борчката ѕвезда и актуелен прв човек на ММА федерацијата на Русија побара дозвола локалните натпреварувачи да учествуваат на турнири и првенства од меѓународен карактер.

„До неодамна спортот беше надвор од политиката, но сега ситуацијата е таква што талентираните руски спортисти се заложници на општествено-политичките проблеми меѓу земјите“, рече Емелијаненко во изјавата објавена од ТАСС.

Поради тековниот воен конфликт меѓу Русија и Украина, во март оваа година, Меѓународната ММА асоцијација (ИММАФ) одлучи да ги суспендира руските и белоруските спортисти од учество на меѓународни натпревари.

„Надежите, плановите и колосалните напори се сведени на нула. Изгубена е вербата во валидноста на основните принципи на олимпизмот“, вели поранешниот шампион во борбено самбо и ММА во тешка категорија.

Во моментов, ММА борците во Русија се натпреваруваат само во домашното првенство. Најдобрите борци влегуваат во репрезентацијата.

„Убедени сме дека спортистите треба да се натпреваруваат со достојни противници, бидејќи тоа е најважно за развојот на спортот. И нашиот тим е еден од најсилните во светот. Активен и постојано развивачки тим отпадна од светот на ММА. Сакаме да истакнеме дека оваа година руската репрезентација е формирана од националниот шампионат и е подготвена следната година да учествува на сите меѓународни натпревари“, вели Императорот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО