Фeдор Емелијаненко повеќе не е претседател на ММА сојузот на Русија

Последните денови почнаа да се појавуваат информации дека Федор Емелијаненко по втор пат ја напушта функцијата шеф на ММА сојузот на Русија пред предвиденото.

„Последниот император“ привремено го препушта управувањето на неговиот штитеник Андреј Терентиев. Сега самиот Терентиев ја потврди информацијата за заминувањето на легендарниот борец, но не посочи конкретни причини.

„Фјодор Емелијаненко поднесе оставка. Тој поднесе оставка како претседател, но остана во ММА сојузот на Русија и ќе продолжи да работи. Сега или ќе биде почесен претседател или ќе раководи со надзорниот одбор на нашата организација.

Немаме конфликтни ситуации, но сега тој нема време да се занимава со секојдневна рутинска работа. Засега ќе бидам в.д претседател на Сојузот на ММА и заедно ќе ги решаваме сите домашни проблеми.

Изборот на претседател на ММА сојузот на Русија ќе се случи на нашата годишна конференција, која на крајот на годината ќе се одржи во Москва“, изјави Терентиев за РИА Новости спорт.

Целата оваа ситуација не враќа во 2018 година кога Емелијаненко првпат поднесе оставка. Тој го водеше ММА сојузот од моментот на неговото основање во 2012 година, а 6 години подоцна одлучи дека му е тешко да ја продолжи професионалната кариера и да раководи со структурата.

Тогаш неговиот наследник стана неговиот поранешен спаринг партнер Радмир Габдулин. Во подоцнежните години Федор се побуни против Габдулин и беше клучен во неговото отстранување од функцијата. На крајот, Федор се врати на функцијата, а сега по втор пат поднесува оставка.

Причината за оставката на Емелијаненко не е позната. Неодамна изјави дека сака да дебитира во бокс. Очигледно Федор бил сериозен во врска со тоа и сега сака целосно да се посвети на боксот. Федор сè уште не зборува на темата за неговата оставка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО