Ентони Џошуа верува дека може да го врати Тајсон Фјури во рингот

Британскиот боксер Ентони Џошуа во сабота ќе се обиде да ги врати светските шампионски појаси на мечот против Украинецот Aлександр Усик.

Пресметката меѓу Џошуа и Усик го предводи спектаклот во Џеда.

Врв на настанот ќе биде реваншот во кој украинскиот борец ќе ги брани шампионските појаси на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО во тешка категорија што го освои минатиот септември против Џошуа.

Многумина мислат дека исходот од борбата ќе влијае на одлуката на шампионот на ВБЦ, Тајсон Фјури, кој неодамна објави крај на кариерата, но се уште официјално не се откажал од појасот.

ВБЦ му порача дека до 26 август мора да одлучи дали ќе ја продолжи кариерата или ќе го врати шампионскиот појас.

„Џипси Кинг“ без сомнение има желба да се бори во меч за обединување на титулата во тешка категорија.

Џошуа е уверен дека неговата победа против Усик може да го врати Фјури во рингот.

„Можам сто проценти да го вратам од пензија. И мислам дека сигурно ќе се врати“, изјави Ентони Џошуа, откако подетално го објасни своето тврдење:

„Фјури нема што друго да прави и не размислува за својот живот по боксот. Сега му е многу досадно. Купи куче, Ферари, сака да се забавува. Сега не прави ништо друго освен да го шета кучето“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО