Ентони Џошуа откри кога има намера да се врати во рингот, можен противник е и Хрговиќ

Британскиот боксер Ентони Џошуа потврди дека ќе се врати во рингот во септември, тоа ќе биде негова втора борба оваа година откако неодамна со брутален нокаут во втората рунда го победи Френсис Нгану.

На тој меч поранешниот двократен светски шампион во тешка категорија ја продолжи својата победничка серија која започна против Џермејн Френклин, а потоа следеше убедливи победи над Роберт Хелениус, Ото Валин и поранешниот шампион на УФЦ.

По неговиот последен триумф, на Еј Џеј му беше ветена шанса да се бори за светската титула откако Тајсон Фјури и Aлександaр Усик ќе го одржат својот меч на 18-ти мај. Но, засега ќе биде малку потешко, бидејќи поразениот може да побара реванш.

„Ми рекоа дека борбата можам да ја добијам во септември, но се надевам веќе во јуни. Сега имам слободно време, па ќе го искористам за да поминувам време со најблиските. Продолжувам да тренирам, а за два месеци одам на тренинг камп“, изјави Ентони Џошуа.

Квионсбери промоцијата кон крајот на годинава ќе организира голем настан на стадионот Вембли, а според Дерек Чисора, спектаклот треба да го води Џошуа, веројатно против подобриот од мечот Хрговиќ-Дубоа.

„Џошуа треба да се бори против подобриот од мечот Хрговиќ – Дубоа и тоа на Вембли. Упс, го кажав тоа гласно? Што да правам кога имам долг јазик“, изјави Дерек Чисора во интервју за ИФЛ ТВ.

Мечот меѓу Хрговиќ и Дубоа треба да биде на програмата на настанот што ќе се одржи во Саудиска Арабија на 1-ви јуни, а на чело ќе биде борбата за апсолутен шампион во полутешка категорија меѓу Артур Бетербиев и Дмитри Бивол.

Хрватскиот боксер е резерва за мечот Фјури – Усик, а ИБФ се закани дека ќе му ја одземе титулата на победникот доколку се договори реванш по мечот.

Во тој случај Хрговиќ би можел да се бори за шампионскиот појас на ИБФ во тешка категорија против Дубоа во јуни, а потоа да добие меч против Џошуа на Вембли.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО