Ентони Џошуа го потврди мечот против Дионтеј Вајлдер во декември

Изгледа дека поранешните светски шампиони во бокс во тешка категорија, Ентони Џошуа (25-3, 22 КО) и Дионтеј Вајлдер (43-2-1, 42 КО) се согласиле на борба во декември.

Имено, британскиот борец потврди дека планира да се бори со Бронзениот бомбардер на крајот на годината, откако ќе ја санира повредата што ја доби на неодамнешниот меч против Џермејн Френклин.

По двата порази од Усик, Џошуа се врати со победа против Американецот.

Сопственикот на Мечрум бокс и промотер на Џошуа, Еди Херн оваа недела ќе оди во Саудиска Арабија за да ги договори деталите за следната борба на Еј Џеј, а британскиот боксер истакна дека противник ќе му биде Вајлдер.

„Тој меч ќе се случи. Сега можам да потврдам, во декември ќе се борам со Вајлдер“, изјави Ентони Џошуа за Кеј Физикал.

Ентони е професионалец веќе десет години, а во текот на кариерата забележа 25 победи, а има и три порази.

Во последните шест меча загуби три борби, против Енди Руиз Јуниор и двапати од Александар Усик.

А последниот меч на Вајлдер беше во октомври минатата година кога во првата рунда го нокаутира Роберт Хелениус.

Тоа е прв меч за Бронзениот бомбардер по двата порази во низа од Тајсон Фјури во борбите за појасот на шампионот на ВБЦ.

Американецот претходно изјави дека мечот против Џошуа е негова борба од соништата.

„Имаме многу опции, но во овој момент го посакувам мечот од соништата. Многу луѓе сакаат да ја гледаат пресметката меѓу Џошуа и мене, тоа ќе го добијат“, изјави Дионтеј Вајлдер.

Се чини дека станува се поверојатен голем боксерски спектакл во Саудиска Арабија на крајот на годината, на кој би настапиле четворицата актуелни тешкаши Фјури и Усик, како и Џошуа и Вајлдер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО