Емил Павлов: Никогаш не се откажувам, без разлика на се – ќе освојам олимписка норма и медал на Светското првенство!

Светската карате федерација (ВКФ) ја исфрли најновата ранг листа на која нашиот најдобар картист Емил Павлов се најде на 5-тото место во категоријата до 60 килограми, што е најдобар пласман на наш каратист на светската карате листа. Тоа беш повод за интревју со Павлов и неговите планови за годинава.

 Што ти значи ова рангирање за тебе?

-Со новата ажуриана светска ранкинг листа на 1 мај се најдов на 5-тото место, благодарение на последните успеси на Премиер лигите, пред се Москва и Салзбург. Ова за мене значи една додатна мотивација за да продолжам да тренирам и во овие тешки моменти со моменталната ситуација и да верувам дека можам да дојдам до норма за Токио!

Кога може да очекуваме да бидеш број1 еден во светот во категоријата до 60 килограми?

-Па јас верувам и мислам дека можам да се најдам и да бидам број 1 во ова категорија, бидејќи до сега ги имам победувано најдобрите 10 во мојата категорија, но се надевам дека што поскоро ќе заврши оваа ситуација со коронавирусот и ќе продолжам да се натпреварувам и да се обидам да бидам најдобар во мојата категорија.

Што работиш во овој период на изолација поради коронавирусот, кој поремети многу работи во спортот?

-Во овие моменти на изолација поради корона вирусот сум фокусиран повеќе на самиот себе, на повеќе поминати моменти заедно со мојата фамилија моите најблиски, бидејки претходно поради многу патувања и припреми немав толку можност да го посветам времето на фамилијата…Но, исто така, ги одработувам секојдневните тренинзи. Во овој период повеќе сум фокусиран на физичката подготвеност и на подобрување на техниката.

Во овој период веќе требаше да се подготвуваш за одење во Париз на квалификациите за Олимписките игри во Токио 2020 година кои се помесетни за 2021 година. Селекторот и клупски тренер Сашко Арсовски во еден наш разговор истакна дека си во топ форма и дека ова е голема шанса за македонското карате да има претставник на Олимпијадата. Како се одрази целата ситуација на тебе?

-Па да овој период требаше да бидам во Париз на квалификацискиот турнир за исполнување на олимписка норма. Уште од почетокот на ова година ја темпирав формата токму за овој натпревар и влегов во посакуваната форма. Го освоив златниот медал месец март во Салзбург каде што ги победив најдобрите. Тоа ми даваше за право да бидам уведен дека можам да дојдам до норма за Токио. Но, јас сум оптимист и никогаш не се откажувам без разлика на се. Ќе дадам се од себе наредната година македонското карате да има претсавник на Олимпијадата, бидејќи тоа и го заслужува.

Имате ли планови како повторно да се стигне до врвна форма идната година за квалификациите за ОИ?

Се уште е рано да се каже што и како. Сите не знаеме што не очекува. Се надевам дека за кратко време ќе се заврши оваа ситуација, ќе се направи новиот календар на натпревари и дека ќе бидам потполно здрав и заедно со мојот тим ќе направиме најдобар план како да ја подгинеме формата на највисоко ниво во тој период.

Наесен, ако се биде во ред, те оечкуваат настапите на Свесткото првенство во Дубаи од 17 до 22 ноември и во светската Премиер лига. Може ли да очекуваме медал од СП, кој би бил втор за Македонија на светските првенства, по бронзата клупскиот другар Жаро Арсовски?

-Токму така, во месец ноември треба да се одржи Светското првенство во Дубаи. По откажувањето на квалификациите и Олимпијадата мојата најголема цел за ова година е Светското првенство, бидејќи ми недостасува медал од светско првенство, а најблиску бев во Бремен 2014 година, каде што бев петопласиран. Изгубив во полуфиналето, а потоа и во борбата за бронзениот медал. Верувам во себе, се надевам дека ќе се одржи тоа првенство и ќе се обидам да го освојам тој посакуван медал од Светско првенство.

Со што друго се занимваше во овој период, за да помине времето поисполнето?

-Покрај индивидуалните тренинзи во овој период сум и во друштво на добри книги, кои, пак, од своја страна ме мотивираат да бидам уште подобар на татамите, а и ме градат како личност. Не изостанува ни гледањето филмови, серии, но неизбежно е и релаксирањето со играње карти со моите домашни, потоа видеоигрите итн. Порака до граѓаните на Македонија и до спортистите! Сакам да истакнам дека оваа непосакувана ситуација, која со пандемијата на коронавирусот го погоди светот, колку и да биде долга и тешка, сепак, на крајот ќе успееме да ја надминеме и да им се вратиме како порано, на секојдневните радости. Само е потребно да бидеме трпеливи и да ги почитуваме препораките што ни се препорачуваат против невидливиот непријател.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО