Еди Херн верува дека мечот меѓу Џошуа и Фјури ќе се случи до крајот на 2025 година

Во последните години многу се зборуваше за пресметка во тешка категорија меѓу Ентони Џошуа и Тајсон Фјури, но таа борба не можеше да се договори.

Промоторот Еди Херн неодамна истакна дека „Битката за Британија“, како што го нарекоа мечот меѓу Еј Џеј и Кралот на Ромите, може да се случи до крајот на 2025 година, а ако не, тогаш веројатно никогаш нема да знаеме кој е подобар боксер од нив двајцата.

Веќе неколку години се шпекулира за супер борба меѓу две генерациски ѕвезди на британскиот бокс, но преговорите секогаш наидувале на различни пречки.

Ентони Џошуа ќе го предизвика шампионот на ИБФ во тешка категорија, Даниел Дубоа, на преполниот Вембли оваа сабота.

Победникот од тој меч најверојатно ќе добие шанса да се бори против подобриот од реваншот меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик. Реваншот им е во декември.

„Верувам дека мечот меѓу Еј Џеј и Фјури ќе се случи без разлика дали Тајсон ќе победи или не. Но, големината на борбата ќе зависи од нивните резултати во следните натпревари“, изјави Еди Херн.

Во јуни Џошуа го покани Фјури на меч додека двајцата се уште „свежи“ и додаде дека нема само да „седи и да го чека“ својот колега.

Херн истакнува дека следната година ќе се обиде да ја договори „Битката за Британија“, односно дуел меѓу Џошуа и Фјури.

„Да, дефинитивно“, истакна Еди Херн и додаде:

„Ако Еј Џеј го победи Дубоа, а Фјури го победи Усик, тогаш ќе ја имаме најголемата борба во историјата на боксот. Ако едниот загуби, а другиот победи, тоа е сепак огромна борба“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО