Еди Херн тврди дека Ентони Џошуа може да го надбоксира Дионтеј Вајлдер

Саудиска Арабија е целосно подготвена да организира голем боксерски настан во декември, кој би го предводел мечот за титулата апсолутен шампион во тешка категорија меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик, а во конасловната борба ќе се пресметаат Ентони Џошуа и Дионтеј Вајлдер.

Сопственикот на Мечрум бокс и познат промотер Еди Херн истакнува дека Саудијците имаат сериозна намера да приредат спектакл каде меѓу другите би ги собрале четворицата актуелни најдобри тешкаши во светот.

„Бев таму пред две недели и беа многу сериозни. Веќе двапати работев со нив и тие секогаш се држеа до договорот. Разбирам дека тие самите разговараа со Вајлдер и сè помина многу добро. Разговарале и со Усик, бидејќи таму боксирал против Еј Џеј. Меѓу нас нема никакви тајни и сите знаеме кој што сака“, рече Еди Херн и продолжи:

„Но, Фјури е сосема друга приказна, но тоа не е мој проблем. Единствено што ме интересира е да договарам меч меѓу Еј Џеј и Вајлдер. И ќе се борат без разлика на исходот од преговорите за борбата меѓу Фјури и Усик. Ентони ми верува и ако добиеме интересна понуда, влегуваме во игра“.

Херн откри дека Ентони би можел да се врати во рингот веќе во август.

„Сите веруваме дека му е потребна барем уште една борба пред мечот со Вајлдер. И ќе одлучиме кој ќе биде откако ќе се договориме со Вајлдер, мислам дека тој би можел да боксира против Дилиен Вајт. Знаеме дека е ризично, но така мора да биде“, истакнува Еди Херн и додава:

„Ми се допадна тоа што го направи против Џермејн Френклин. Добро се движеше, удираше, контра… Некогаш беше по малку неодлучен, но многу беше во прашање, ако загубеше кариерата ќе му беше завршена. Мислам дека може да го надбоксира Вајлдер, но ако се двоуми, тогаш може да заврши лошо. Ентони долго време го посакуваше тој меч. Тоа е опасна борба за Еј Џеј, но сите сакаат да ја видат“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО