Еди Херн за вербалниот судир на Џошуа со студентите: Тоа од него беше многу пристојно

Реваншот меѓу Александер Усик и Ентони Џошуа е се поблиску. Непоразениот Украинец на 23 јули во Саудиска Арабија треба да го брани шампионските појаси во тешка категорија на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО, кои ги освои лани во септември со победата против Џошуа.

Промоторот Еди Херн потврди дека сите детали ќе бидат договорени оваа недела и ќе бидат потпишани договори.

Отворена е само можноста мечот да се одложи за најмногу три недели и во тој случај борбата би требало да се одржи до средината на август.

„Се е договорено и наскоро официјално се ќе објавиме. Двете страни се договорија и за финансиските детали. Подгответе се за спектаклот“, најави Еди Херн.

Познатиот промотер се осврна и на неодамнешната ситуација во која се нашол Џошуа кога вербално се соочил со група пијани студенти кои го провоцирале.

Ентони бил доста лут, па отишол во нивната соба и им одржал лекција.

„Му кажаа секакви работи и не би сакал да го повторам тоа. Некои работи едноставно не можете да ги преболите така. Фрлате по борец во тешка категорија и го навредувате, а мислите дека ништо нема да се случи“ – рече Еди Херн и привлече внимание на еден детал што многумина го пропуштиле:

„Ентони ги соблече чевлите пред да влезе во собата, а потоа се обиде да им објасни на момчињата дека се што му рекле е погрешно. Она што го кажа Џошуа луѓето можат да го толкуваат како што сакаат, но мене ми кажа што му викале. Но, не сакам да зборувам за тоа. Само ќе кажам дека беше учтиво од негова страна да се соблече пред да влезе во собата“.

Во видеото кое брзо се прошири на интернет Џошуа со смирен тон ги предупреди учениците.

„Внимавајте што зборувате, бидејќи кога ќе почнам да ви ги кршам стаклените вилици тоа нема да му се допадне на никого. Пазете се бидејќи не знаете кој се може да ве слушне“, вели Ентони Џошуа во видеото.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО