Светскиот шампион во тешка категорија Ентони Џошуа претпочита да ги задржи трите светски титули, но на прво место му е мечот со Тајсон Фјури.
Ова го изјави и неговиот промотор Еди Херн, кој се грижи за кариерата на 29-годишниот шампион.
Пред неколку дена, другиот носител на светскиот појас – Тајсон Фјури, го советуваше сонародникот да ја ослободи титулата на ВБО со цел да го направат посакуваниот меч што го сакаат сите љубители на боксот.
Украинецот Александар Усик е предизвикувач број 1 на Светската боксерска организација, порано или подоцна треба да се бори за титулата, но според Еди Херн, Џошуа можеби нема да биде шампион доколку Усик се покаже како пречка за средба со „Кралот на Ромите“.
„Сите постојано зборуваат и дискутираат дали Ентони ќе ја ослободи титулата, но неговата цел е да стане апсолутен крал на категоријата“, рече шефот на Мечрум боксинг.
„Верувам дека ниту една задолжителна одбрана нема да спречи меч за обединување со Фјури. Сепак, доколку е потребно, мислам дека Ентони ќе го ослободи појасот за да се соочи со Тајсон.
Тајсон сака да каже дека ги освоил сите титули, но никогаш не бил апсолутен шампион. На Ентони оваа цел и можен меч со Фјури му значат многу, се надевам дека луѓето сакаат да го видат тоа“, додаде Херн.