Џошуа бара од Фјури да го испочитува договорот: Во прашање се многу пари

Тајсон Фјури по неговата неодамнешна победа против Дилиен Вајт повтори дека тоа е последниот меч во неговата кариера.

Непоразениот Џипси Кинг го победи Вајт со нокаут во шестата рунда, бранејќи ја титулата на ВБЦ по втор пат. Тоа беше негова 32-та победа во кариерата (има и едно реми).

„Завршив. Среќен сум, здрав, уште имам мозок и можам да зборувам. Имам убава сопруга, шест деца, шампионски појаси, доволно пари, успех и слава. Што повеќе ми треба?“, изјави Тајсон Фјури.

Но, кој знае што се случува во умот на Фјури. Тимот на Ентони Џошуа верува дека Џипси Кинг ќе се размисли и ќе се предомисли, а истото мислење го дели и промоторот на Џошуа, Еди Херн.

Сопственикот на Мечрум верува дека Фјури ќе се бори против победникот од пресметката Александр Усик – Ентони Џошуа во која непоразениот Украинец го брани шампионските појаси во тешка категорија на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО.

Деновиве поранешниот шампион Џошуа го прозва Џипси Кинг.

„Фјури нека го испочитува џенталменскиот договор и нека се врати од пензија. Во прашање се многу пари кои некој треба да ги подигне“, рече Ентони Џошуа и додаде:

„За почеток пред мене го имам Усик. Луѓето мислат дека треба да се фокусирам само на таа борба, но сакам да ја гледам пошироката слика“.

Фјури и Џошуа требаше да боксираат во меч за обединување на титулата минатата година, но Џипси Кинг ја откажа борбата затоа што мораше да го испочитува договорот за трет меч против Дионтеј Вајлдер.

Џошуа се бореше со Усик и го загуби тој меч, а Фјури го нокаутира Вајлдер во 11-тата рунда и за првпат ја одбрани титулата во ВБЦ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО